Кај македонските граѓани постои голема свест и волја за купување домашни производи доколку го задоволуваат очекуваниот квалитет. Претежно од прехранбената индустрија одбираат домашни пред производи од други држави, покажува истражувањето на агенцијата „Медијана“.
Според Владо Рикаловски од „Медијана“, изборот на домашни производи кај Македонците е многу поизразен отколку кај жителите во останатите држави во регионот.
– Македонските граѓани се многу свесни за важноста на тоа дека е полезно да се купуваат македонски производи. Околу 70 проценти од македонската популација го поддржува тој пристап во нивното купување, секако доколку самиот производ ги задоволува нивните критериуми за квалитет. Постои голема расположеност кај македонските граѓани, која е поизразена кај нас отколку кај која било друга држава во регионот, изјави Рикаловски, учесник на Самитот за трговија со стока за широка потрошувачка, што се одржува денеска во Скопје.
Потрошувачот на пазарот, истакна Поликсена Ристеска од компанијата „Би Милк“, избира квалитетен производ кој ги испорачува своите ветувања, притоа можеби гледајќи и на потеклото. Но, пред се, сметам дека треба да се води и водат сметка на едукацијата којашто ја добиваат од компаниите што е важно за нивното здравје при консумација на производите, изјави Ристеска.
Според Верица Мартиновска, уредник на магазинот „InStore“, во Македонија веќе има етаблирани домашни брендови во трговијата со стоки за широка потрошувачка, а добар дел од нив заземаат голем дел од македонската потрошувачка кошница.
– Нормално, регионалните и светските брендови се побројни, но бенефит од нивното присуство е искуството и повисокото ниво на квалитет со кое поставуваат нови репери и за нашите производители. Во трговијата со стоки за широка потрошувачка, како и во сите сектори, секојдневно има нови, но и субјекти кои се откажуваат. Се работи за динамичен сектор кој генерално е двигател на целата економија секаде, изјави Мартиновска.
На Првиот самит за трговија со стоки за широка потрошувачка во Македонија, што го организира македонската редакција на InStore, учествуваат над 250 претставници на менаџментот, сектори за набавка, трејд маркетинг, продажба од речиси 80 трговци, произведувачи, дистрибутери на FMCG-производи, консултанти, агенции и компании кои водат придружни дејности.