Петар Арсовски (член на жири комисијата на офидијалниот избор на Мажи на Годината 2019)
Во месец ноември се се врти околу мажите. Во овој месец започнува глобалната кампања Мовембер за заштита на машкото здравје, а исто така се одржува и официјалниот избор на Мажи на Годината 2019 во организација на машкиот онлајн магазин Friday.mk на 27.11.2019 година во Double Tree by Hilton Skopje.
По тој повод денеска имаме интервју со г-динот Петар Арсовски докажан ПР и маркетинг професионалец, еден од членовите на жири комисијата на Мажи на Годината 2019 кој говори за тоа колку Македонија има успешни мажи и како кај нас се гледа нивниот успех.
- Колку Македонија има успешни мажи?
Македонија има успешни мажи, мажи кои оставиле трајни вредности во бизнисот, спортот, културата и воопшто во општеството. Иако во последните години поради разни фактори во Македонија се помалку се обрнува внимание на личниот развој и на културните вредности кои се карактеристики за еден успешен маж, развојот на мажите зависи од сопствената желба дали и во која насока ќе се развиваат.
Успешниот човек е човек кој знае дека има одговорности, прави планови да ги заврши работите, гради безбеден дом со или без ничија помош, гради сојузници, греши, никогаш не се откажува од тоа што го сака и никогаш не се бори на слепо. Можеби нема да ви даде пари, но сигурно ќе ви даде инспирација, тој можеби не е најбогат, но сигурно е во рамките на својата цел, и е секогаш отворен за учење на нови работи.
Секако дека не е само до капиталот. Успешниот човек освен што треба да вложува во себе, треба да вложува и во заедницата. Треба да биде инспирација и пример за многумина. Моралните вредности, етиката и кредибилитетот се нешта кои успешниот човек треба да ги поседува.
- Како го дефинирате успехот? Дали кај нас сеуште за успешен се смета оној кој постигнал најголем профит или почнува да се обрнува внимание на општествената одговорности и создавањето на трајни вредности?
Успехот се дефинира по тоа колку човекот е комплетен и реализиран во секој поглед. Не станува збор само за остварување на големи профити. Се поголемо внимание човекот треба да обрне на личниот развој, колку тој вложува во себе пред се и секако во општеството во кое живее. Успешниот човек наоѓа цел и создава живот каде може да ја исполни таа цел. Тој знае или бара да најде баланс помеѓу поттикнување на таа цел и да се жртвува себеси и другите за да се случи тоа.
- Колку политичарите знаат да се носат со џентлменскиот аспект, дали внимаваат на себе нашите политичари?
Сметам дека поголемиот дел од политичарите внимаваат на себе и знаат да се носат со џентлменскиот аспект. Здравиот начин на живот повеќе не е помодарство, туку стил и начин на живот. Целиот стрес кој политичарите го акумулираат секојдневно мора да има начин како да го анулираат, грижејќи се пред се за своето здравје. Преку редовни спортски активности кои за нив се еден вид “издувен вентил” покажуваат дека се грижат и внимаваат на себе. Свесни за тоа дека се следени под лупа и дека било каква грешка може да им го уништи имиџот секој од нив има свој ПР тим од кој добива корисни совети кои ги користат за делување во социјалната и општествената заедница.