Македонија, земја со 2 милиoни жители и адвертајзинг пазар кој се проценува на некои 30-тина милиони евра (за бројкава треба да се гледа на гравчиња, бидејќи нема детални официјални истражувања) синоќа го освои својот ТРЕТ КАНСКИ ЛАВ.
Ова е исклучително достигнување за толку мал пазар и веројатно сме една од ретките земји во светот која ги има овие економски карактеристики а е толку богата со награди од повеќе престижни креативни фестивали меѓу кои и 3 од најголемиот – Cannes Lions, каде годишно за награда конкурираат 35-40 000 проекти од речиси сите земји.
Првиот Кански лав за Македонија и за целиот Балкански регион, и тоа ЗЛАТО, во 2009 година, го освои агенцијата МекКен Скопје со својот проект “Check Them“ (“Провери ги“) изработен за организацијата Veritas Spirit.
Во 2013 година, Њу Момент Њу Идеас Компани Скопје, успеа да освои Титаниумски лав, за кампањата “10 метри одвоени“ работена за Влада на РМ.
и синоќа, 2015 година, Њу Момент Њу Идеас Компани својот нов Кански трофеј, “Сребрен лав“ го освои за кампањата “Црвен Телефон“ работена за телевизија Телма.
Нашите креативци уште еднаш покажаа дека добрата идеја не познава граници и сите ние кои работиме во индустријата треба да бидеме горди што македонската маркетинг сцена повторно добива признание на најголемата светска сцена.
Нека сите овие награди бидат поттик за уште поуспешни резултати, за повеќе инвестиции во индустријата и обврска за сите агенции да продолжат да бидат најдобриот промотор на Македонија.