Станува збор за 11-то по ред истражување на квалитетот на услуги во регионот кое го спроведува агенцијата Хераклеа во соработка со други агенции по пат на тајни купувачи, а опфатени се земјите од поранешна Југославија
Според квалитетот на услугите, љубезноста и познавањето на она што им се нуди на купувачите и на гостите, Словенија е на прво место, Македонија веднаш зад неа, Црна Гора на последно место, додека Србија падна за едно место и се наоѓа на четвртото место, покажа истражувањето на Регионална служба – GUEST.
Истражувањето е спроведено во јуни оваа година, а тајните купувачи во сите земји вкупно посетиле 800 продажни места од различни дејности – автосалони, банки, бензиски пумпи, супермакети, продажни места на телекомуникациски компании, туристичко-угостителски објекти и објекти од услужни дејности со цел откривање кој има најдобра услуга во регионот.
Притоа, биле мерени основните елементи на добра, односно квалитетна услуга како: утврдување на потребите/ желбите на купувачите, познавањето на производите, нудењето дополнителни производи, како и заблагодарување на посетата, а сето тоа според стандардите на акронимот од англискиот збор „GUEST“ (гостин), односно „Greet, Understand, Explain, Suggest, Thank“.
Најдобра услуга оваа година има Словенија, чиј резултат од 83,4 отсто е за речиси 8 поени подобар отколку минатата година. На второ место е Македонија, со резултат од 83,1 отсто или за 4,1 процентен поен подобар од лани.
Хрватска е трета со резултат од 75,1 отсто, што е скок од речиси 2 процентни поени во однос на минатата година, додека земја во која има најмногу за работа во полето на унапредување на квалитетот на услугите е Црна Гора, која годинава има резултат 55,1 отсто и е во пад за 15,4 процентни поени во однос на 2018 и е на последно, шесто место.
Пад на листата од 4,2 проценти бележи и Србија, со резултат од 70,5 отсто.
Севкупно, категоријата која има добиено највисоки оценки во сите шест држави и оваа, како и минатата година, е познавање на производите, додека, како и во последните неколку години, „најлоша“ категорија е нудење дополнителни производи.