Еден од најпопуларните и најнаградувани документарни филмови во последните неколку години “Спасувајќи го Мес Ајнек” (Saving Mes Aynak) ќе биде премиерно прикажуван пред македонската публика наредниот вторник (28 февруари) во кино-салата на Музејот на Македонија во Скопје, со почеток во 14 часот. Влезот е бесплатен.
Филмот, снимен во 2014 година, го следи авганистанскиот археолог Кадир Темори и неговиот авганистанско-француски истражувачки тим во обидите за зачувување на еден од најзначајните археолошки локалитети и културни споменици на Блискиот Исток – Мес Ајнек, на кој му се заканува уништување со градењето на голем рудник за бакар. Локалитетот, со богати културни слоеви од преку 5000 години, важел за значаен будистички религиозен и рударски центар на познатиот трговски пат на свилата.
Документарецот е во продукција на Kartemquin Films од Чикаго, САД, и режиран од страна на Брент Е. Хуфман, кој во својата богата кариера соработувал со низа познати медиумски куќи како што се Discovery Channel, National Geographic Channel, NBC, CNN, Al Jazeera, PBS, TIME, The New York Times и други.
“Спасувајќи го Мес Ајнек” е добитник на наградата за најдобар документарен филм на The International Academic Forum во 2015 година, а бил прикажуван и на престижните меѓународни фестивали за археолошки филмови AGON во Грција и ICRONOS во Франција. Неговата македонска премиера е во организација на Студентското археолошко здружение “Аксиос” од Скопје, во соработка со НУ Музеј на Македонија.