ОХО Продукција со задоволство ја известува јавноста дека најновиот краткометражен филм „Соло мод“ на популарната режисерка Тамара Котевска, ќе ја има својата македонска премиера на 8 јули, во склоп на програмата на Фестивалот за европски филм CINEDAYS во Скопје.
За време на пандемијата со КОВИД-19 и карантинот, еден загрижен сопруг и татко креира игра со цел да ги засили врските во семејството и да ги заштити своите најмили од надворешните опасности, но набрзо тоа се претвора во „игра за еден“.
„Соло мод“ е независен краткометражен филм инспириран од COVID 19, снимен e во 2020 година за време на рестриктивните мерки и строгиот карантин, со актерска екипа сочинета од едно вистинско четиричлено семејство и многу мала филмска екипа.
Главните улоги ги толкуваат Александар Микиќ, Весна Микиќ, а за прв пат на филм се појавуваат Иво Микиќ, Ена Микиќ, Павлина Димеска и Гоце Димески.
Филмот го снимаше Тамара Котевска заедно со Фејми Даут, кој работеше и на колор корекција. Монтажата е на Мартин Иванов, дизајн на звук Дарко Спасовски, додека како продуценти се потпишуваат Тамара Котевска и Илија Тирицовски. Извршни продуценти се Пеце Талески, ОХО Продукција за Македонија и Ана Хашми, The Corner Shop за САД, а ко-продуцент на филмот е Зејнеп Атакан, Zeyno Film од Турција. „Соло мод“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија.
Тамара Котевска е единствената режисерка од Македонија со две номинации за Оскар за документарниот филм „Медена земја“ [2019] во ко-режија со Љубо Стефанов. Светската премиера на филмот се одржа минатата година на 27-то издание на Филмскиот фестивал во Сараево, во официјалната селекција на кратки филмови. На CINEDAYS, „Соло мод“ ќе се прикажува на 8 јули во 21:00 часот во парк МКЦ, а билетите се достапни во билетарата на МКЦ.