Во петокот во Загреб се одржа јубилејното десетто издание на SoMo Borac – настан на кој се наградуваат најдобрите дигитални дела во регионот
Годинешното издание собра рекордни 221 апликација за награди во различни категории. На доделувањето на наградите присуствуваше и македонската агенција Пиксел која беше една од победничките во категоријата “Storytelling” (раскажување приказни) со проектот креиран за потребите на кампањата на трите пензиски друштва наречен „Засади желба“ што беше всушност и прва пријава на Пиксел на еден регионален натпревар.
„Оваа година ни покажа колку брзо се развиваат дигиталните канали, а доказ за тоа е рекордниот број на апликации и не се сомневаме дека ќе продолжи да расте од година во година. Со ова им честитам на сите победници, како и на сите оние кои доставија одлични проекти; до самиот крај беше неизвесно да се избере најдоброто од најдобрите“ – рече Ружица Врдољак Личина, извршен директор на SoMo Borac.
„Оваа награда засекогаш ќе остане драга во нашите срца бидејќи ова беше прва наша пријава на регионален натпревар и да освоиме награда. Благодарение на довербата на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, Триглав пензиско друштво а.д. Скопје и КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје добивме шанса да раскажеме убава приказна и да спроведеме кампања која доживеа голем успех, а со која истовремено пензиските друштва покажаа дека се општествено одговорни и дека се грижат за иднината на сите граѓани“ – изјави Владимир Ристевски, партнер и креативен директор во Пиксел.