- Пријавувањето за гејмерите од Македонија, Хрватска и Црна Гора е отворено од 26 август до 4 септември
- Освен забава и поврзување, целта на турнирот е едукација за одговорно гејмање, промовирање еднаквост и борба против говорот на омраза
Почнува регионалниот Телеком натпревар eSport Championship, инициран од Македонски Телеком, Хрватски Телеком и Црногорски Телеком, во кој ќе учествуваат гејмери од Хрватска, Македонија и Црна Гора. Учесниците ќе се натпреваруваат во три игри: Counter Strike, Rocket League и FIFA22, а можат да се пријават преку линкот esports.telekom.com од 26 август до 4 септември. Натпреварот завршува со викенд финале на 18 ноември за Rocket League, 19 ноември за FIFA22 и 20 ноември за Counter Strike.
Наградниот фонд изнесува 21.800 евра, а наградите ќе бидат распределени на следниот начин: првите четири места во Counter Strike можат да освојат вкупно 15.000 евра, 4.400 евра за првите четири места во Rocket League и 2.200 евра за првите четири места во FIFA22.
Истражување на Хрватски Телеком покажа дека дури 97% од младите на возраст меѓу 12 и 25 години играат видео игри, што е доказ дека видео игрите се неизоставен дел од нивниот живот. Според истражувањето, на девојките им е многу потешко во гејминг светот и тие се чувствуваат исклучени, а многу често, дури 40% од испитаниците, изјавиле дека толку се внесуваат во играта што забораваат да јадат и да пијат. Токму затоа овој гејминг натпревар има за цел да ги поттикне младите на одговорно гејмање.
Телеком eSport Championship е наменет за аматери но и професионалци коишто сакаат да се поврзат и да се забавуваат со млади со исти интереси. Освен забава и игра, целта е едукација и промовирање еднаквост, борба против говорот на омраза и грижа за себе. Затоа, како дел од секој стрим, ќе бидат организирани активности со кои се поттикнува развојот на нови вештини коишто на играчите ќе им помогнат во иднина.
Повеќе информации за Телеком eSport Championship можете да најдете на esports.telekom.com.