- Пораст на бројот на корисниците во секој сегмент на услуги: интернет, телевизија и постпејд мобилни услуги
- Нето добивката во третиот квартал е зголемена за 9,6 отсто
- Лидер на пазарот во телевизија
Македонски Телеком продолжува со успешното работење и во третиот квартал од 2019 година. Компанијата оствари раст на нето добивката и зголемени приходи од продажба во споредба со истиот период минатата година. И понатаму бележиме раст во бројот на корисници во мобилна телефонија и интернет, ја зацврстуваме лидерската позиција во сегментот телевизија. Позитивното работење на компанијата кое продолжува и во третиот квартал ни потврдува дека сме на патот кон одржлив раст и ни овозможува да ги поставиме очекувањата за нашето иднo работење на повисоко ниво.
Континуиран раст на финансиските параметри
Приходите од продажба на Македонски Телеком во првите девет месеци од 2019 година, во споредба со минатата година, се зголемени за 2,2 отсто и изнесуваат 7.937 милиони денари. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) за истиот период е зголемена за 5,3 отсто во споредба со претходната година, додека нето добивката бележи раст од 9,6 отсто.
Пораст на корисничката база
Македонски Телеком на крајот од првите девет месеци од 2019 година има зголемување на бројот на корисниците во сите сегменти. Со зголемувањето од 1,8 отсто на постпејд корисничката база, вкупниот број на корисници во мобилниот сегмент изнесува 1.258 илјади. Зголемена е базата и на корисници коишто имаат пристап до широкопојасен интернет за 4,0 отсто, а вкупниот број изнесува 200,4 илјади.
Македонски Телеком останува лидер во ТВ сегментот со број на корисници кој континуирано се зголемува (вклучувајќи Magenta 1, Internet&ТV и други ТВ услуги), што на крајот од првите девет месеци од 2019 година резултира со база од 133,5 илјади корисници. MaxTV остана избор број еден за корисниците, како резултат на квалитетот, ексклузивните содржини, неограничените можности за интеракција, како и уникатното ТВ искуство. Дополнително, со новиот дигитален концепт во Magenta 1, промовиран во третиот квартал оваа година, корисниците на нашето најголемо семејство можaт да активираат дополнителни опции без надомест, секој месец, во зависност од нивните потреби, за поедноставно и попаметно секојдневие.
Силен фокус на инвестициите во мрежата
И во овој квартал продолжуваме со континуирани инвестиции во инфраструктурата и ги подобруваме сопствените капацитети. Го зголемивме бројот на домаќинства покриени со оптика за 11,3 отсто споредено со истиот период изминатата година. Сега, повеќе од една третина од домаќинствата во земјава имаат можност да се поврзат на оптичката мрежа од Телеком и да ги користат бенефитите од оваа технологија.