Македонскиот маркетинг пазар се проценува на околу 33 милиони евра ако се земат во предвид финансиските резултати на македонските маркетинг и медиски агенции остварени во 2015 година.
Маркетинг365 ги анализираше завршните биланси на 25-те најголеми и најактивни маркетинг и медиа агенции во земјава (по азбучен ред: Бренд Јунион, Греј – Ворлдвајд, Дивисион, Дирецт Медиа, Еден На Еден, ЕПП, Идеа Плус, Иноватива, Интелекта, Кајгана Медиа, КМГ Спорт, Маркет Висион, Медиа План, Медиа Планинг Груп, Медиа Хаус, Меккен Ериксон Груп, МП Медиа, Њу Момент Видео Хаус, Њу Момент Њу Идеас Компани, Оватион Адвертисинг, П Ворлд, Публицис, Универзал Медиа, Футура 2/2 и Хттпоол) и така дојдовме до бројката вкупни приходи од 1 997 008 552 денари или пресеметано во евра: 32 471 683.
Вкупните расходи на 25-те погореспоменати маркетинг и медиски агенции за 2015 година изнесувале 1 909 488 652 денари или 31 048 595 евра.
Чисто за споредба, во 2014 година, приходите на овие 25 агенции изнесувале 30 393 245 евра или нешто над 2 милиони евра помалку отколку во 2015 година.
Кога на оваа бројка од околу 33 милиони евра приходи на маркетинг и медиските агенции за 2015 год. ќе се додаде и таа од приближно 2 милиони евра колку што изнесуваа приходите на ПР агенциите во Македонија (ЛИНК:Македонскиот ПР пазар е околу 2 милиони евра), можеме да заклучиме дека целиот македонски маркетинг и ПР пазар изнесува околу 35 милиони евра.