Фестивалот Golden Drum го соопшти воведувањето на Марчин Сосињски, извршен креативен директор на Dentsu Creative Poland & CEE, како најнов член на „Куќата на славните“ на Golden Drum. Тој им се придружува на угледна група визионери и пионери – личности кои со страст и храброст се залагаат за напредокот на креативната индустрија и пошироко.
Основана во 2010 година, „Куќата на славните“ им оддава признание на оние кои преку својата професионална кариера и личен живот влијаеле врз нашите креативни умови и души. Креативни лидери кои нè инспирирале, мотивирале и кои и денес нè водат во нашите напори за напредок.
„Да се биде примeн во Куќата на славните на Golden Drum е огромна чест и исклучително емотивен момент за мене. Се придружувам на група луѓе кои длабоко влијаеја врз мојот професионален живот – Дарек Заторски, Каталин Добре, Адријан Ботан – не само мајстори во нашата професија, туку личности од кои научив што значи вистинската моќ на идеите, како и што се храброст и одговорност во нашата работа“ – истакнува Сосињски.
„Со години наназад, Golden Drum поврзува, инспирира и помага во обликување на идентитетот на креативниот глас на нашиот регион. Му покажува на светот дека креативноста која доаѓа од овој дел на Европа има уникатна чувствителност, автентичност и храброст. Креативност која е поважна и повеќе потребна од кога било досега. Ова признание за мене е потсетник дека огласувањето има смисла не само кога продава – туку допира до луѓето. Зашто огласувањето не е уметност на викање. Тоа е уметност на слушнање. Мораме да продолжиме да се бориме за дела кои имаат значење – дела кои го заслужуваат вниманието затоа што вредат да се слушнат“ – додава Марчин Сосињски.
Сосињски е еден од најнаградуваните и највлијателни креативни лидери во Централна и Источна Европа. Најголемиот дел од неговата професионална кариера го има поминато во McCann, каде што ги обликуваше некои од најпрославените кампањи на агенциската мрежа во регионот. Денес, тој е извршен креативен директор на Dentsu Creative Poland & CEE, каде што и понатаму го застапува гласот на регионот на меѓународната сцена.
Со повеќе од 20 години искуство, тој предводел иновативни проекти за локални и глобални брендови, градејќи тимови со високи перформанси кои постојано постигнуваат креативна извонредност и културна релевантност. Под негово водство, McCann Poland ја доби наградата „Cannes Lions for Good Agency of the Year “ во 2023, како признание за нејзината посветеност на општествено одговорната креативност на глобално ниво.
Неговата работа добила многубројни признанија, меѓу кои и Titanium и две Grand Prix награди на Cannes Lions, црн молив од D&AD (прв за Полска), како и Grand Prix награди на The One Show, LIA, Eurobest, Webby Awards, Clio Awards, Golden Drum и многу други.
Во 2025 година, две од неговите кампањи беа меѓу најнаградуваните во глобалниот финансиски сектор, а тој беше прогласен за 9-ти најнаградуван извршен креативен директор во светот (5-ти во регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка) – дополнителен доказ дека одличната креативност од овој регион допира надалеку.
Цврст поборник за креативност втемелена во локалниот контекст
Марчин има клучна улога во глобалното афирмирање на гласот на регионот. Преку неговата работа како член на жирија, менторирање и мрежни иницијативи, тој постојано се залага за идеите родени во овој дел од светот – смели, изненадувачки и полни со човечко разбирање. Надвор од соработката со глобалните брендови, Сосињски активно го поддржува развојот на индустријата во Полска, како член на управниот одбор на Ad Creators Club.
Само на Golden Drum, неговото креативно водство резултираше со повеќе Grand Prix (6), како и со златни, сребрени и бронзени награди, титулата „Најдобар во локалниот дух“, и престижната титула „Креативен директор на годината“ во 2023. Неговите кампањи како „Where to Settle“, „Room for Everyone“ и „The Future Peasants“не се само наградувани, туку се и препознатливи по тоа што ја доловуваат единствената културна нијанса на регионот на Централна и Источна Европа.
Со гордост ја прифати поканата да биде член на жирито за Creative Business Excellence годинава.
За „Куќата на славните“ на Golden Drum
Ѕидот е само ѕид. Но, името врежано на него допира до бесмртноста. Тогаш ѕидот станува ЅИД. Во текот на своето триесет и едногодишно постоење, фестивалот Golden Drum привлекува големи визионери и сонувaчи кои храбро и со страст се борат за напредокот на креативната индустрија.
Со текот на времето, луѓето одат напред, а ние лесно ги забораваме имињата на оние кои ги поставиле темелите врз кои денешните професионалци градат големи дела. Основана во 2010 година, виртуелната Куќа на славните на Golden Drum ги содржи имињата на големи жени и мажи. Листата расте внимателно, со чувство на благодарност кон оние чии имиња и дела никогаш не треба да се заборават. Секој нов член мора да биде потврден и прифатен од постојните членови.
Досегашни членови на „Куќата на славните“ на Golden Drum (по азбучен ред):
Јуре Апих, Адријан Ботан, Фарид Шехаб, Михаел Конрад, Иван Чимбуров, Мета Добникар, Каталин Добре, Душан Дракалски, Чаба Гостоњи, Андреј Губајдулин, Ами Хасан, Мариуш Јан Демнер, Хајме Манделбаум, Јири Микеш, Јули Немеш, Јоханес Невркла, Гинсели Озен, Милка Погљани, Улрих Прешел, Јорг Риоми, Џејсон Ромејко, Ека Руола, Даниел Ружичка, Драган Сакан, Марчин Сосињски, Јурај Вачулик, Витал Верлич, Јарек Жебински и Дарек Заторски.
Фестивалот Golden Drum ќе се одржи од 13 до 14 октомври 2025 во Grand Hotel Bernardin, Порторож, Словенија. Пријавувањето за натпреварувачкиот дел на Golden Drum е веќе отворено.