Управниот одбор на британската макретинг групација WPP соопшти дека генералниот извршен директор Марк Рид се повлекува од лидерската позиција во компанијата на крајот од годината.
„По повеќе од 30 години во WPP, вклучувајќи седум како генерален извршен директор, Марк Рид одлучи дека е вистинско време да ја предаде функцијата на нов лидер, а потрагата по негов наследник е во тек“ – посочуваат од компанијата.
„Во име на Управниот одбор, би сакал да му се заблагодарам на Марк за неговиот придонес не само како генерален извршен директор, туку и за повеќе од 30 години лидерство и посветена работа во компанијата. За тоа време, Марк одигра клучна улога во трансформирањето на компанијата во светски лидер за современи маркетинг услуги, со силни капацитети во областа на вештачката интелигенција, податоците и технологијата, глобално присуство и неспоредлив креативен талент, поставувајќи ја WPP на добар пат кон долгорочен успех. Среќни сме што Марк ќе продолжи да ја води WPP како генерален извршен директор до крајот на годината, останувајќи фокусиран на спроведувањето на стратегијата за раст на компанијата и поддржувајќи непречена транзиција кон неговиот наследник, откако ќе биде именуван“ – истакнува Филип Јансен, претседател на WPP.
По однос на неговата одлука да се повлече од лидерската функција во компанијата, Марк Рид изјави: „WPP е неверојатна компанија со над 100.000 талентирани и креативни луѓе, извонредни клиенти и партнери, и неспоредливо присуство ширум светот. Ми беше огромна чест да служам како нејзин генерален извршен директор во изминатите седум години. Кога ја презедов оваа улога, нашата мисија беше да изградиме поедноставен и посилен бизнис и да внесеме структура и нова енергија во нашата креативност и перформанси, потпомогнати од водечка светска технологија. Горд сум што нашите тимови низ компанијата го испорачаа тоа на извонреден начин. Денес нашите клиенти нè оценуваат повисоко од кога било досега, соработуваме со четири од петте највредни компании во светот, а нашите приходи од најголемите клиенти постојано растат.“
„По седум години на оваа позиција, и со поставени темели за континуиран успех на WPP, чувствувам дека сега е вистинскиот момент да го предадам водството на оваа неверојатна компанија. Возбуден сум што ќе ја истражам следната фаза од мојот живот и можам само да им се заблагодарам на сите брилијантни луѓе со кои имав среќа да работам во изминатите 30 години, а кои го направија можен огромниот напредок што го постигнавме заедно. Сакам исто така да му се заблагодарам на Филип и на останатите членови на Управниот одбор за нивната постојана поддршка кон мене и поширокиот извршен тим, и со нетрпение очекувам да ги поддржам во транзицијата кон мојот наследник во наредните месеци“ – додава Рид.