Поранешниот извршен директор на The New York Times и генерален директор на BBC, Марк Томпсон, ќе биде новиот генерален извршен директор и претседател на американската информативна телевизија CNN – беше соопштено минатата недела.
Томпсон доаѓа на чело на телвизиската мрежа во најтешкиот период од нејзината 43-годишна историја, кога таа се соочува со низа предизвици за својата иднина. Примарно, CNN се соочува со егзистенцијална закана за својот бизнис-модел поради брзото намалување на консумацијата на традиционална линеарна телевизија, од каде што го генерира најголемиот дел од своите приходи.
Паралелно со тоа, информативниот канал продолжува да се бори со тензичната политичка ситуација во САД со цел да ја најде својата насока на движење во пресрет на следните претседателски избори во 2024 година.
Од матичната компанија Warner Bros. Discovery се надеваат дека Марк Томпсон е вистинскиот човек кој може да го спаси CNN. Се работи за искусен медиумски директор кој во голема мера се смета заслужен за спасувањето на The New York Times, трансформирајќи го од печатен дневен весник во моќен дигитален издавач.
„Нема поискусен, попочитуван или поспособен извршен директор во новинскиот бизнис на денешницата од Марк, а ние сме воодушевени што ќе му се придружи на нашиот тим и ќе го води CNN Worldwide во иднината“ – истакнува Дејвид Заслав, извршен директор на Warner Bros. Discovery.
Марк Томпсон официјално ќе стапи на функцијата почнувајќи од 9 октомври 2023 година. Тој ќе менаџира со 4,000 вработени на информативната мрежам ширум светот, а во тоа ќе биде помогнат од привремената лидерска четворка составена од директорката за таленти Ејми Ентелис, директорката за собирање вести Вирџинија Мозили, програмскиот директор Ерик Шерлинг и комерцијалниот директор Дејвид Ливи.
Оваа „четворка“ моментално ја води телевизијата по отпуштањето на претходниот извршен директор Крис Лихт во јуни, кој пак пред околу една година го наследи отпуштениот Џеф Закер.