„Маркетинг алатка на денот“ е серија од микро постови создадени со цел да ги запознаеме македонските стартапи и маркетинг ентузијасти со корисните алатки кои можат да ги користат во делот на маркетингот. Оваа иницијатива е нa brainster заедницата.
Ставете се себеси во следнава ситуација. Сопственик сте на мала пекара во близина на Архитектонскиот факултет во Скопје. Најголем дел од клиентите ви се локалните жители, луѓе чии работни места се наоѓаат околу вашата локација и студенти од факултетот, а помал дел случајните минувачи. Имате нов продукт на менито на кој треба да му направите промоција, или пак попуст на старото мени и сакате сите ваши клиенти да дознаат за тоа. Можете да го направите тоа преку праќање пораки на социјалните медуми до секого поединечно. Или пак колку би било кул да стапите во контакт со некој студент кој има многу пријатели или следбеници, кој е меѓу топ инфлуенсерите околу вашата локација. Да направите зделка со него како тој би ја споделил вашата вест со што таа веднаш би допрела до многу од вашите постојани и идни корисници.
Но, како да дознаете кој е најголемиот инфлуенсер кој “оперира“ околу вашата локација?
Компанијата „CO Everywhere“ нуди фантастично решение за овој проблем, веб платформата Ground Signal. Ground Signal ви овозможува да ги најдете најголемите инфлуенсери кои се активни на секоја локација во светот, во секое време и тоа на наједноставниот можен начин. Прво што треба да направите е да ја внесете локацијата за која сте заинтересирани во празното поле за пребарување, некоја адреса, населба, универзитет, или некој поважен објект во близина. За нашиот пример со локацијата околу Архитектонскиот факултет во Скопје, како референца за пребарувањето го земаме булеварот Партизански Одреди.
Мапата се зумира автоматски, притоа ги означува најмалите граници кои може да ги опфатите за вашето пребарување да биде успешно, доколку ве интересира поголем радиус можете мануелно да го намалите размерот.
Следниот чекор е да ја обележите точната површина за која се интересирате. Во горенаведениот пример нас ни е потребно да го опфатиме просторот околу Архитектонскиот факултет.
Откако ќе завршите со означување на локацијата, ја именувате и пребарувањето започнува. Платформата ја прави листата на сите постови кои се направени на вашата локација, од социјалните медиуми Instagram и Twitter. Пребарувањето може да биде врз база на содржините кои се споделени или на луѓето кои споделувале на таа локација.
Ова се резултатите кои ги добивме за примерот, локацијата околу Архитектонскиот факултет во Скопје.
Покрај сето ова Ground Signal нуди и дополнителни филтри за прочистување на листата, а воедно и рангирање според информациите кои се клучни за вас. На пример според дата или точно време на споделување на содржина, потоа каква е содржината(слика или текст), или пак конкретен тип на содржина(храна), број на постови, следбеници или просечна ангажираност на социјалните медиуми на луѓето итн.
За помалку од минута ги добивате токму оние топ инфлуенсери кои ви се потребни за промоцијата на вашиот бизнис. Со нив може директно да се поврзете од самата платформа. Има уште една важна опција која ви овозможува да бидете информирани на дневна база, секој час или во вистинското време за споделувањето на содржините за кои сте заинтересирани, споменувањата или за споделувањата на топ инфлуенсерите кои ви се потребни.
Еве уште еден начин како можете да го користите. Организирате настан и сакате да видите кои од присутните биле најактивни на социјалните медиуми за време на настанот. Едноставно ја обележувате локацијата каде се одржува настанот и веднаш можете да го најдете најактивниот посетител. Нели е кул?
Наместо заклучок, еве 5 начини како платформата Ground Signal може му помогне на вашиот бизнис:
– Промоција на нов бизнис;
– Промоција на некоја нова услуга или производ кои ги нудите;
– Промоциј на настан;
– Лесен и едноставен начин како да дознаете каков новитет е потребен на пазарот;
– Лесен и едноставен начин да дознаете какво подобрување е потребно да направите на постоечките услуги/производи кои ги нудите;
– Лесен и едноставен начин да дојдете до потребните информации за вашата таргет група.
Како вие би ја користеле оваа алатка?
Ако ви се допадна овој пост, посетете ја серијата на микро постови на овој линк. Ако ја поддржувате оваа иницијатива споделете со вашите пријатели.