Генералната маркетинг директорка на Netflix за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка и истовремено потпретседателка на компанијата, Даниела Крук-Дејвис, одлучи да го напушти стриминг-гигантот.
Крук-Дејвис се приклучи на Netflix во 2014 година како генерален маркетинг директор за Европа, Блискиот Исток и Африка и беше одговорна за лансирање на стриминг-сервисот во посочениот регион.
Откако беше промовирана во потпретседател во септември 2017 година, таа ги надгледуваше сите маркетинг и брендинг активности на Netflix во Обединетото Кралство, континентална Европа, Турција, Блискиот Исток, Африка и Русија.
Даниела Крук-Дејвис влезе во маркетинг индустријата во 1990 година, а во својата рана кариера беше поврзана со агенциите Wieden + Kennedy и Young & Rubicam. Пред да се приклучи на Netflix, таа беше директорка за маркетинг во Starbucks и Vodafone.
Крук-Дејвис во изјава за адвретајзинг магазинот Campaign рече дека ќе се врати во Лос Анџелес со своето семејство на крајот на септември оваа година. Нејзините понатамошни кариерни планови се непознати.