Американската маркетинг групација Stagwell се одлучи да здружува финансиски експерти и политички стратези од двете страни на политичкиот спектрум за да им помогне на брендовите правилно да ги изберат своите пораки на често контроверзни теми. Одделот ќе го носи името “The Risk and Reputation Unit” (Оддел за ризик и репутација),
Со зголемувањето на глобалните тензии во контекст на конфликтот во Украина, од Stagwell почувствувале дека времето е погодно за формирањето на еден ваков деловен оддел кој е дизајниран да им помогне на брендовите безбедно да навигираат низ нијансите на политичките и социјалните прашања.
Самата компанија во 2015 година беше основана од страна на политичкиот стратег и поранешен директор во Microsoft, Марк Пен, кој објаснува: „Извршните директори имаат само минути за да реагираат штом внатрешните засегнати страни ќе почнат да се организираат околу некој проблем – и тие носат одлуки врз основа на првенствено внатрешни информации со мала надворешна перспектива. Или, пак, оние кои гледаат нанадвор бараат политичка експертиза само од едната страна на политичкиот спектрум, осигурувајќи дека нивните комуникации ќе отуѓат дел од постоечките или потенцијалните потрошувачи“.
А, правилното испраќање на пораките, вели тој, не е мала работа, бидејќи една непромислена грешка може да резултира со милијарди долари загуба на вредноста на акционерите и долгорочна штета на угледот на брендот. „Ова не е само прашање на надминување на циклусот на вести“ – заклучува Пен.
Новиот оддел ќе биде составен од корпоративни советници на Stagwell на кои ќе им се придружат финансиски и политички стратегисти од комуникациските агенции SKDK и Targeted Victory, кои ги опслужуваат Демократската и Републиканската партија во САД, соодветно. Тимот ќе биде дополнително засилен со поранешни директори од големи компании како Ford, IBM и Microsoft, како и кампањски стратези кои работеле на 12 различни американски претседателски избори и 270 избори за места во Сенатот и Претставничкиот дом.
Со комбинирањето на разновиден и избалансиран опсег на политички мислења, од Stagwell се надеваат дека ќе им помогнат на лидерите на брендовите да донесат правилна одлука за прашањата што се најважни за засегнатите страни и последователно да развијат и спроведуваат проактивни и реактивни стратегии за управување со репутацијата на брендовите и неговите општествени цели, притоа заштитувајќи го нивниот приход.