Словенечката огласувачка комора (SOZ) презентираше нов документ на добри практики насловен „Маркетинг од заседа“. Документот е потпишан од Блаж Томажин Болчар, проф. др. Весна Жабкар, Јанез Ракушчек, Цене Грчар, Матиќ Шваб, Мојца Бришчик и Уршка Ушај.
Документот детално и јасно ги дефинира концептот и опсегот на т.н. Маркетинг од заседа (Ambush Marketing), анализирајќи ги клучните карактеристики, механизми и можните последици од таквите практики. Тој треба да служи како важна алатка за Огласувачкиот совет на SOZ при донесувањето одлуки, обезбедувајќи насоки за проценка на етиката и законитоста на огласувачките практики.
На овој начин ќе може да придонесе и за доследна имплементација на Словенечкиот огласувачки кодекс, кој меѓу другото ја нагласува искреноста и вистинитоста во огласувањето.
„Документот “Маркетинг од заседа” ги дефинира границите помеѓу иновативниот маркетинг и неетичкото однесување. Тоа ќе им помогне на компаниите да разберат каде е линијата помеѓу легитимниот креативен пристап и прекршувањето на авторските права. Бидејќи ние во Словенечката огласувачка комора забележавме дека ова второто зачестува, единствениот логичен чекор беше подготовката на овој документ. Словенечката огласувачка комора веќе 30 години ја промовира саморегулацијата во Словенија, која со јасно дефинирани насоки им помага на компаниите да создадат култура на одговорно рекламирање. Саморегулацијата како таква секако мора да биде во интерес на индустријата, бидејќи ја намалува потребата од строги надворешни регулативи и правни спорови кои можат да го нарушат угледот и да предизвикаат непотребни трошоци“ – нагласи Мојца Бришчик, извршен директор на Словенечката огласувачка комора.
Овој документ треба дополнително да ја зајакне свеста за важноста на етичките стандарди во огласувањето, придонесувајќи за поголема транспарентност и доверба меѓу потрошувачите и компаниите.
„По долг период на дискусии, различни процедури и спротивставени мислења за постапките на поединечни огласувачи, конечно го имаме првиот документ кој го кодифицира маркетингот од заседа во Словенија. Дури сме меѓу првите во Европа на ова поле, што е важен чекор напред. Маркетингот од заседа првенствено ги опфаќа практиките што им штетат на инвеститорите, носителите на права и потрошувачите. Затоа е од клучно значење таквите практики да бидат јасно дефинирани. Со овој документ, сите чинители во огласувањето сега имаат јасни насоки кои ќе им помогнат во нивната работа“ – нагласи Блаж Томажин Болчар, основач на Адвокатското друштво Томажин Болчар.
Документот дава насоки за огласувачите кои се трудат да се усогласат со етичките стандарди, да бидат одговорни пред потрошувачите и да ги почитуваат професионалните норми. Тој, исто така, обезбедува рамка за идентификување и спречување на практики кои можат да ја поткопаат довербата во огласувачката индустрија и придонесува за подигнување на нивото на професионализам и интегритет во областа на пазарните комуникации.
Документот е јавно достапен на следниот ЛИНК.