Автор: Предраг Николовски, раководител на одделот за маркетинг и односи со јавност во компанијата Mи-Да Гранд Моторс
Епидемија каква што немало повеќе од 100 години, иако ризикот од пандемија постоеше ретко кој очекуваше дека ќе има толкав удар на секојдневниот живот и економијата. Одеднаш годишните и месечните планови се откажани и остануваат само фајлови во “треш”, исто и буџетите. Иако постоеле ситуации кога се откажувале кампањи и активности, оваа е многу посериозна поради тоа што не знаеме колку долго ќе трае. Едно е јасно, дека по оваа криза многу работи ќе се променат.
Работа од дома е првата мерка која компаниите ја применија за секој кој има можности за тоа. Во последните години овој принцип на работа стануваше се повеќе популарен и сега има можност да се покаже неговата функционалност на дело. Со оваа криза сите станавме дигитални номади, до негде, зошто сепак мора да се извади миленикот по надвор и да се претрча до маркет. Или второво не мора?
Не мора, доколку сте запознаени со услугата за достава на производи до дома, иако постојат неколку компании кои го прават тоа, досега многу луѓе пазареа на стариот добар начин, со прошетка до маркет. Сега доаѓа нивното време, Е-трговијата точно преку оваа криза ја добива својата најголема практична “промоција“, потрошувачите почнуваат масовно да ја практикуваат додека индустриите кои веќе биле дел од неа работат турбо, останатите (маркети, бутици, ресторани) се вклучуваат. Па така, Е-трговијата во иднина ќе биде земена во предвид кај сите компании.
Што е со медиумите? Токму кога тие ја зајакнаа својата гледаност и ја покажаа својата најважна улога за јавниот интерес, компаниите ги намалија буџетите за маркетинг и тие останаа со „празни џебови“. Парадокс нели? Најнагласен би бил ударот кај ООХ и радио огласувањето факт. Но, погодени се и дигиталните медиуми. Нивната одговорност за точно информирање е порасната, но приходите од реклами намалени. Тие работат со лимитирани ресурси што дополнително го отежнува нивното функционирање. Доколку се залагаме за квалитетни медиуми и релевантни информации до граѓаните системот мора на изнајде решение за дигиталните и ТВ медиумите како би ги ставил во побезбедни води.
Сите гореспоменати моменти, ќе доведат до нов начин на однесување на потрошувачите. Јасно е дека по кризата ќе следи и рецесија, но тоа не значи дека комуникацијата со потрошувачите треба да биде “on-hold”. Напротив, некој еднаш рекол:
“Тркалата на индустријата мора да продолжат да се вртат, за работниците да се платени и нивните фамилии најадени. Тие тркала најдобро се вртат со ефективен маркетинг.“
И пристапот кон маркетинг стратегиите ќе се промени, тие ќе бидат повеќе “директни до потрошувачите“ (dtc) и повеќе автоматизирани (AI, e-commerce).
Во овој момент секоја краткорочна промотивна активација е грешка. Сега е време да се работи на бренд имиџот на долги стази. Да, сега е време зa редефинирање на мисиите и визиите на вашите брендови. Сега најдобро можете да согледате каде во општеството сте позиционирани и потребни како бренд и мора во прв план да биде политиката на општествена одговорност. Јунаците се познаваат во тешките времиња. Доколку сега покажете искрен придонес кон потрошувачите и заедницата, во добрите времиња кои следат, сигурно ќе бидете запаметени. ✊
Чувајте се,
Поздрав од дома!