Во текот на месец септември, тимот на Маркетинг365 спроведе онлајн анкета за испитување на јавното мислење за информираноста и запознаеноста на јавноста со пазарот на небанкарски финансиски друштва, како и ставовите за искуството во интеракциите со нив.
Анкетата беше објавена на нашиот веб портал – www.marketing365.mk и на Фејсбук страницата https://www.fb.com/Marketing365mk, а истовремено, со нашата публика беше споделена и преку вечерниот newsletter. Во анкетата учествуваа вкупно 1374 испитаници од различна демографска структура, по пол, возраст, националност, степен на образование, работен статус и друго.
Анализата на демографските податоци покажува дека најголем дел од испитаниците, односно 32,9 отсто се на возраст од 31 до 40 години, а од вкупниот број испитаници дури 80 отсто се од женски пол. 86 отсто од испитаниците кои учествувале во истражувањето живеат во урбани средини и тоа најголем број во Скопскиот регион (41,3%). На второ место, односно 15,5 отсто живеат во Пелагонискиот регион и 9,5 во Источниот регион од земјата. Најголемиот дел од нив се Македонци (89,2%) со високо образование, односно со факултетска, магистерска или докторска диплома. Од испитаниците, 67 отсто се изјасниле дека се во брачна заедница, а 43,4 отсто дека се вработени во приватниот сектори, со месечни примања од 12 до 18 илјади денари.
Во првиот дел го истражувавме општото познавање на пазарот на небанкарски финансиски друштва
Во случај да имаат потреба од финансиски средства, 28,7 отсто од испитаниците се изјасниле дека би се одлучиле за кредит од банка или штедилница, 25,7 отсто би избрале кредитна картичка со дозволен минус, а 24,3 отсто би позајмиле средства од пријатели. Oпцијата краткорочен, брз кредит од небанкарските финансиски друштва (НФД) била избор на 16,8 отсто од нив, што е значителен процент и претставува индикатор дека потребата од небанкарски финансиски институции кои го надополнуваат традиционалниот финансиски пазар е во пораст, од причина што токму НБФИ во земјата нудат голема брзина и флексибилност во пристапот до финансии за граѓаните.
Високи 82 отсто од испитаниците се изјасниле дека знаат што всушност претставува инструментот „краткорочен брз кредит“ и најголемиот дел од нив (74%) одговориле дека се запознаени со компании кои работат во дејноста, односно кои нудат краткорочни брзи кредити. Ова всушност говори во полза на неопходноста на финансиските друштва како комплементарен извор на финансиски средства и претставува сериозен индикатор дека свесноста на НБФ друштвата се зголемува, како брз, поволен и едноставен инструмент за доаѓање до дополнителни финансиски средства.
Кога зборуваме за препознавање на самите финансиски друштва, најчесто употребувана алатка во истражувањата за да се дојде до сознание кој бренд/компанија највисоко котира меѓу населението е категоријата “top of mind”, односно прашањето „кое финансиско друштво прво ви паѓа на памет“. Ова алудира на севкупната препознаеност за брендот, почнувајќи од нивната комуникација кон јавноста преку маркетинг и/или ПР алатки, нивниот бренд, лого, бои, застапеност, достапност итн. Па така, во однос на тоа кои компании се “TOP OF THE MIND”, односно кои најмногу ги асоцираат на услугата краткорочен брз кредит, на прво место се издвојуваат Tigo за 32,8 отсто од испитаниците, по што следат останатите Iute Credit со 22,1 отсто, M-Cash со 16,9 и Credissimo со 9,3 отсто на четвртото место. Сите останати финансиски друштва имаат 5 или помалку отсто препознаеност за испитаниците. Tigo неодамна се закити и со меѓународно признание за „бренд на годината“ од угледниот лондонски магазин Global Banking and Finance Review, за што Маркетинг365 објави и соопштение.
Искуства на корисниците на НБФИ услуги
Од вкупниот број испитаници кои подигнале брз кредит од небанкарска финансиска институција во последните 12 месеци, вкупно 46,7 отсто се изјасниле дека се одлучиле за овој тип финансиски услуги заради можноста да се аплицира онлајн, 42 отсто заради можноста да се аплицира само со лична карта или пасош, 39,2 отсто заради брзината на одобрување, а 22,6 отсто како причина за апликација навеле дека првиот кредит е бесплатен, што според нашите извори не е ситуација кај банките или штедилниците кога се користи било која нивна услуга или производ. Дел од испитаниците (20,8%) се изјасниле дека одлуката да подигнат кредит од НБФИ ја направиле бидејќи биле одбиени за кредит од други вообичаени финансиски институции, 18,4 отсто заради можноста да добијат пари на рака, а 6,1 отсто се одлучиле за небанкарска финансиска услуга заради близината на физичка точка, односно филијала на НБФИ во местото каде што живеат. Неспорно е дека можноста за онлајн аплицирање или пак брзината на одобрување ќе имаат висок процент поради потребата од брзи и ефикасни решенија, меѓутоа тука интересен за анализа е процентот на оние испитаници кои како причина ја истакнале поволноста дека првиот кредит е бесплатен (22,6) и нуди интересна можност, односно негово тестирање без никакви трошоци. Ова всушност покажува дека кај доста висок процент од граѓаните можноста „колку ќе земеш, толку ќе вратиш“ е одлучувачки фактор и претставува предност кај оние финансиски друштва кои „бесплатниот кредит“ со 0 трошоци го нудат како поволност.
Искуства на корисниците на небанкарски финансиски услуги од домашни НБФИ
Во последниот дел од нашето истражување се фокусиравме да дознаеме какво било искуството на испитаниците со домашните компании во моментот кога решиле да земат краткорочен брз кредит. Во продолжение се резултатите за искуствата со топ 3 компаниите односно НБФИ, од кои испитаниците зеле кредити – Tigo Finance, IuteCredit и M-Cash.
Tigo
Во однос на искуството на испитаниците со небанкарското финансиско друштво Tigo, мнозинството од нив (58,9%) имале целосно позитивно искуство со користењето на услугите на компанијата, а 51 отсто имаат генерално позитивно мислење. Повеќе од половина од испитаниците (56,7%) со голема веројатност би ги препорачале услугите на Tigo на свои роднини и пријатели.
Според оценките на испитаниците, најзадоволни во интеракцијата со Тиго биле во следните сегменти: брзо добивање пари, однос на вработените, можноста да се избере помеѓу еднократна и повеќекратна отплата на кредитот, како и можноста кредитот да се враќа повеќе месеци. Големо мнозинство или 80 отсто одговориле дека се запознаени со фактот дека компанијата нуди бесплатни кредити.
Најголем дел од испитаниците одговориле дека со услугите на комапнијата Тigo се запознале на Интернет (77,8%), додека помал дел, односно 10 отсто преку ТВ реклами и 10 отсто од пораки на пријатели.
IuteCredit
Искуството на испитаниците со IuteCredit покажува дека мнозинството од нив (68,3%) имале целосно позитивно искуство со користењето на услугите на компанијата, а 58 отсто имаат генерално позитивно мислење за IuteCredit. Од испитаниците, 58,5 отсто со голема веројатност би ги препорачале услугите на компанијата на свои роднини и пријатели.
За IuteCredit испитаниците најдобри оценки дале за можноста за исплаќање на кредитот на повеќе месеци, брзото добивање пари и степенот на добивање информации за услугите.
За услугите на IuteCredit испитаниците во големо мнозинство дознале преку Интернет (71,3%), 18,1 отсто преку пријатели, а 5,3 се информирале преку ТВ реклами.
M-Cash
Кога станува збор за искуството со M-Cash, 45 отсто од испитаниците рекле дека имале целосно позитивно искуство, а 30 отсто дека имаат општо позитивно искуство со компанијата. Вкупно 32,5 отсто од испитаниците со голема веројатност би ги препорачале услугите на M-Cash.
Според оценките од испитаниците кои учествуваа во анкетата, најзадоволни во интеракцијата со M-Cash биле во следниве сегменти: брзо добивање на пари, учтивост на вработените и можноста за различни опции на враќање на кредитот, односно еднократно или повеќекратно.
И за оваа компанија мнозинството испитаници одговориле дека со услугите кои се нудат во голема мера се информирале на Интернет (72,5%).