Македонија за прв пат доби свој претставник во жирито на Epica Awards – единственото глобално креативно натпреварување каде за наградите одлучуваат уредниците на највлијателните светски медиуми кои ја следат маркетинг индустријата.
Маркетинг365 е првиот медиум од Република Македонија кој доби специјална покана да биде дел од елитното светско друштво на медиуми чии што уредници ќе одлучат за тоа кои биле најдобрите креативни решенија во светот што ќе се закитат со лауреатот на Epica Awards (www.epica-awards.com), натпреварувањето со над 30 годишна традиција.
Во друштво на светски познатите AdWeek, Campaign, The Drum, AdIndex, Forbes, Marketing Week и останатите над 50 водечки специјализирани медиуми, за прв пат и Македонија преку Маркетинг365 ќе има можност да влијае во одлуката за тоа кои креативни и комуникациски проекти биле најдобри и имале најголем импакт во светската креативна индустрија за изминатата година.
Сопственикот на Маркетинг365, Борис Ефтимовски, по повод учеството во жирито на Epica Awards изјави: “Среќни сме што за прв пат и медиум од Македонија е поканет во ова престижно друштво и што ќе имаме можност заедно со колегите од другите светски медиуми да влијаеме на одлуката кои креативни и комуникациски проекти заслужуваат посебно да бидат издвоени за својот резултат и придонес во светската креативна индустрија“
Жирирањето, конференцијата и цермонијата за доделување на Epica Awards ќе се одржат во Амстердам, Холандија од 12-ти до 15-ти ноември, а овогодишен Претседател на жирито ќе биде Тони Чемберс, бренд и контент директор на магазинот Wallpaper.