Глобалниот генерален маркетинг директор на пивскиот гигант AB InBev, Марсел Маркондес, ја освои наградата на Светската федерација на огласувачи за „Глобален маркетер на годината“ за 2024 година.
Марсел Маркондес работи за компанијата од 2005 година, а во април 2022 година бил унапреден во Глобален генерален маркетинг директор. За време на неговиот мандат, AB InBev ја освои наградата за „Креативен огласувач на годината“ на фестивалот Cannes Lions за 2022 и 2023 година, со што стана првата компанија што ја освоила оваа награда две последователни години. Во 2024 година, компанијата ја доби наградата за „Најдобар креативен огласувач“ од WARC дури трета година по ред. Во моментов, AB InBev е сопственик на осум од првите десет највредни пивски брендови во светот, вклучувајќи ги Corona на прво место и Budweiser на второ место.
„Ова признание е одраз на нашиот тим и работата што ја остваруваме заедно. Сè што правиме е во служба на поттикнување на растот и решавање на потрошувачките и деловните проблеми. Во AB InBev, ние сонуваме да создадеме иднина со повеќе наздравување, па ќе продолжиме да ги поврзуваме нашите брендови со моменти на славење низ целиот свет“ – изјави Маркондес.
„Честитки до Марсел за неговите извонредни достигнувања во AB InBev. Неговата уникатна способност да ја спои културната релевантност со креативните иновации поставува високи стандарди во светот на маркетингот, поттикнувајќи значајни врски со потрошувачите и импресивни деловни резултати. Ова признание е вистински доказ за неговото лидерство. Заслужени честитки и до четворицата лидери во индустријата кои беа во потесниот избор за наградата заедно со Марсел. Нивната работа е пример за трансформативната моќ на големиот маркетинг во обликувањето на брендовите и поттикнувањето на растот на бизнисот“ – истакна Раџа Раџаманар, претседател на Светската федерација на огласувачи, генерален директор за маркетинг и комуникации во Mastercard и претседател на жирито за глобален маркетер на годината.
Останатите кандидати во потесниот круг беа:
- Кофи Амо-Готфрид, генерален маркетинг директор на DoorDash;
- Асад Ајаз, генерален бренд директор на The Walt Disney Company и претседател за маркетинг на The Walt Disney Studios и Disney+;
- Дијана Фрост, глобален генерален директор за раст во The Kraft Heinz Company; и
- Аруна Равичандран, виш потпретседател за маркетинг вмрежување и соработка во Cisco.
Ова е осма година како Светската федерација на огласувачи (World Federation of Advertisers) го организира изборот за „Глобален маркетер на годината“. Партнер на изборот е професионалниот магазин The Drum.