Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, со задоволство ја најавува својата традиционална, деветнаесетта по ред, годишна Конференција. Конференцијата ќе се одржи во хотелот Александар Палас и ќе се реализира во два дена, 29-ти и 30ти октормври,. Главните наслови за овие два дена се:
29.10.2024 – „Вештачката интелигенција наспроти работната сила – преку адаптација до иновација“ – официјален ден на годишната конференција на МАСИТ и
30.10.2024 – „Практична примена на вештачката интелигенција во медицина, фармација и стоматологија“ – во соработка со Адвокатска Канцеларија Најденовски, ко-организатор на настанот за вториот ден.
Организаторите најавуваат богата и високо квалитетна програма исполнета со бројни истакнати говорници кои преку клучни предавања, панел дискусии и презентации ќе ги пренесат своите експертски знаења и искуства од областа на вештачката интелигенција (AI).
На воведниот дел од 19-та годишна конференција на МАСИТ, ќе се обратат истакнати говорници, меѓу кои г-ѓа Анета Пешева, Претседател на Собранието на МАСИТ, г. Тимоти Онг, Директор на канцеларијата за економски раст на УСАИД и г. Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Компанијата Вектор8 овозможи учество на говорници кои ќе имаат клучни обраќања на првиот ден:
Г. Кристоф Томен, Group COO, со извонредно искуство во областа на оперативната извонредност и градење динамични тимови за дистрибуирана испорака. Тој ги предводи иницијативите за оптимизација на операциите и создавање на ефикасни стратегии за планирање на ресурсите
Г-а Кетрин Ф. Симон, Group CPO со повеќе од 17 години искуство како глобален извршен директор и главен директор за луѓе. Кетрин е посветена на негување на таленти и создавање инклузивна и иновативна работна култура. Нејзиното искуство вклучува водење на проширувањето на швајцарска дигитална агенција во Србија и раководење со човечки ресурси во Scaleway.
Оваа година, повторно ќе се здружат сите чинители и засегнати страни во дискусии за трендовите кои го движат светот напред. Истакнати компании ќе придонесат за збогатеноста на програмата, како Киншифт Академи која е златен спонзор и која ќе ја реализира панел дискусијата на тема: „Премостување на јазот во вештини – обучување на работната сила на иднината“
Во панел дискусија водена од г-а Весна Иваноска, Заменик претседателка на Управниот одбор на МАСИТ, ќе имаме можност да слушнеме дискусија посветена на националниот капацитет за брза адаптација на работната сила, а ќе ги слушнеме Министерот за дигитална трансформација, г.Стефан Андоновски, Министерката за образование и наука, Проф.д-р Весна Јаневска, Претседателот на УО на МАСИТ, г-дин Илија Господинов и Директорот на Активноста на USAID за млади кои активно создаваат можности – г. Небојша Мојсоски. Понатаму во текот на настанот ќе се обратат бројни истакнати професионалци од областа, како менаџери на врвни компании од индустријата, поврзани институции, професори и експерти учесници во панел сесиите предвидени во програмата.
Вториот ден на конференцијата, во коорганизација со Адвокатската Канцеларија Најденовски е посветен на иновациите во здравството. И за овој ден, се очекува одлична програма, во која главни клучни поенти ќе дознаеме од почесните гости говрници:
Проф. д-р. Сам Аталах од Флорида, САД. Д-р Сем Б. Аталах, професор по хирургија на UCF – Медицинскиот колеџ во Орландо, Флорида. Тој е пионер во развојот на хируршки техники. Д-р Аталах ја изврши првата роботска ендолуминална операција на човек во Соединетите Американски Држави и првата роботска стереотактична операција на Да Винчи. Тој е активен член на медицинската заедница, каде што претседава со Комитетот за нови технологии во Американското здружение на хирурзи на дебелото црево и ректумот. Со неговото иновативно лидерство, тој продолжува да ги поместува границите на дигиталната хирургија, овозможувајќи нови пристапи за лекување на сложени медицински состојби. Неговото воведно предавање ќе биде токму за улогата на ВИ во хируршките трендови и компјутерски потпомогнатата визуелизација.
Д-р Анела Тосевска, виш научник и раководител на тимот за биоинформатика на Медицинскиот универзитет во Виена. Нејзината работа се фокусира на развој на пресметковни методи за анализа на големи податоци за автоимуни и ревматски заболувања. Со нејзината магистратура од Фармацевтскиот факултет при УКИМ и докторирање на Универзитетот во Виена, д-р Тошевска беше постдокторски научник на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), каде што работеше на биоинформатички истражувања. Сега, нејзината цел е имплементација на вештачката интелигенција за откривање на нови терапевтски цели, што може да ја револуционизира дијагностиката и третманот на ревматски болести, додавајќи нови перспективи во здравствените решенија на иднината. Д-р Тосевска ќе ги претстави револуционерните примени на ВИ во персонализираното генетско истражување.
Истакнати професори од Фармацевтскиот факултет при УКИМ – проф. д-р. Зорица Наумовска, проф. д-р. Маја Симоновска Црцаревска и асистент Евгенија Михајлоска ќе зборуваат за интеграцијата на ВИ во фармацевтското истражување, развој на лекови и персонализирани терапии.
Доц. д-р. Горан Спиров и м-р. Сашо Николовски од ПЕТ-ЦТ UI Центарот ќе ги презентираат напредокот на ВИ во медицинското визуелизирање (радиологија, КТ, ПЕТ).
Тимот на 3DLoom, д-р. Стефан Арсенков и техничкиот директор Огнен Плавевски, ќе ги презентираат иновациите поткрепени со ВИ за 3D печатење на персонализирани реплики на органи и алатки за подобрување на хируршките третмани и закрепнување на пациентите.
Д-р. Елена Петрова од Клиниката за стоматологија во Скопје ќе ги истакне придобивките на ВИ во прецизноста и ефикасноста на модерните ортодонтски третмани.
Д-р. Александар Илиев од Клиниката за максилофацијална хирургија ќе даде увид во примената на 3D визуелизација и печатење во краниофацијалната хирургија, истакнувајќи го постигнатото кај нас и развојот на новите технологии за дијагноза и лекување на различни патолошки состојби.
Во рамки на двата денови на конференцијата, паралелно во хотел Александар Палас ќе се одржува и Matchin Summit – настан на кои што инвеститори од западен балкан, корпорации и стартапи од Македонија ќе имаат можност за взаемно вмрежување за време на конференцијата. Гостите и учесниците на конференцијата, паралелно ќе имаат можност да се вклучат на 1на1 состаноците, кои ќе се одвиваат како дел од Matchin Summit и сите заинтересирани ќе имаат можност да се запознаат и да започнат взаемна соработка. Matchin Summit-от е во партнерска реализација со Startup Macedonia.
Оваа конференција е организирана со поддршка на УСАИД преку Активноста Партнерства за економски раст, и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Златен спонзор е компанијата Киншифт Академи, официјален поддржувач е и компанијата Вектор8, а бројни компании се вклучија како сребрени и бронзени спонзори, поддржувачи и партнери на МАСИТ, кои заедно допринесоа за целата организација на централниот годишен настан на комората.