MasterCard има нов изглед, но и покрај тоа што можеби ви изгледа познато, тоа е така со намера.
За прв пат после две децении, компанијата го објави своето ново лого и бренд идентитет. Креиран од дизајнерската компанија Pentagram, која беше заслужна и за новиот изглед на Verizon минатата есен, изгледот ќе почне да се употребува од наесен заедно со нов побезбеден дигитален систем за плаќање – Masterpass.
Во интервју за Adweek, Генералниот маркетинг директор на MasterCard Раџа Раџаманар рече дека импулсот за редизајнирање на логото и создавање на еден целосен нов дизајн систем за компанијата базиран врз кругови и лакови, дојде од желбата да се модернизира брендот и да се оптимизира за дигиталниот свет. Брендот исто така сакал поедноставен дизајн кој ќе биде флексибилен на сите допирни точки.
Во исто време, компанијата била доста свесна за препознатливоста на постоечкото лого и бренд идентитет, и не сакала да се одалечи драстично од нив.
“Логото на MasterCard е универзално препознатливо,” изјави Раџаманар, додвајќи: “Постојат 2.2 милијарди картички кои го носат логото на MasterCard. Има десетици милиони трговци низ светот кои го имаат логото на MasterCard на своите продажни места. За нас е клучна препознатливоста на тоа лого и тоа е нешто што сакаме да го имаме и во иднина.”
“Моравме да ги задржиме најпрепознатливите елементи на нашиот бренд, како меѓусебно поврзаните кругови, црвената и жолтата боја и самото име MasterCard. Тоа е токму патот по кој тргнавме.”
На старото лого, името MasterCard беше поставено внатре во поврзаните кругови. На новото лого, името е надвор од круговите. Оваа промена го прави знакот да биде пофлексибилен – лесно може да биде прикажуван и хоризонтално и вертикално.
Исто така, буквите M и C беа големи на старото лого, додека пак на новото лого, сите се мали букви. Резултатот е визуелен приказ на еволуцијата на плаќањето.
“Сакавме да означиме дека картичките се само еден начин на плаќање. Со еволуцијата на плаќањето која се’ уште се развива (во дигиталното плаќање), картичките повеќе не се најважниот елемент. Тоа сакавме да го прикажиме преку отфрлањето на големата буква C,” објасни Раџаманар.
Круговите се основата за новиот широк дизајн систем на MasterCard, кој ќе биде лансиран заедно со новото лого и е наречен “најсеопфатниот бренд дизајн систем” до сега. Овој изглед ќе се појавува на се’ од кредитни картички до билборди.
Името MasterCard ќе биде пишувано во фонт наречен FF Mark, кој беше избран поради својот елегантен, модерен изглед и бидејќи се чите одлично и при мали димензии. Буквите се исто така имаат циркуларен изглед, што одговара на поширокиот дизајн систем.
Раџаманар зборуваше и за една порадикална опција за новото лого – отфрлање на името MasterCard во целост и употреба само на двата поврзани кругови. Тој знак е толку препознатлив што и овој пристап можеби би функциоирал, но, како што рече Раџаманар, за сега компанијата ќе оди со посигурен пристап и ќе го задржи името на брендот како дел од логото.