Во новата кампања на платежниот бренд Mastercard, Лионел Меси се потсетува на неговите фудбалски почетоци како момче од Аргентина со неизвесна иднина.
Иако целиот креативен процес можеше да заврши со ангажманот на помлад двојник, Mastercard се одлучи да оди чекор подалеку и со помош на современите дигитални технологии да го подмлади напаѓачот на Пари Сен Жермен, како што тој изгледаше пред 20 години, со цел поавтентично да се осврне врз бесценетите животни спомени на Меси.
Емотивниот филм започнува со возрасниот Меси како излегува на фудбалскиот терен. Потоа гледачите набрзо се пренесуваат во неговото сеќавање, кога имал само 13 години, како лета сам во авион за Шпанија, загрижен за тоа што може да донесе иднината и дали светот ќе ги прифати неговите таленти.
Спотот завршува со соочување на двете верзии на Меси, кои откриваат дека сè уште имаат нешто заедничко.
Кампањата е создадена во пресрет на финалето на фудбалската Лига на шампионите, кое ќе се игра на 28 мај помеѓу тимовите на Ливерпул и Реал Мадрид. Mastercard е еден од главните спонзори на турнирот.
За реализација на кампањата беше ангажирана огласувачката агенција McCann New York.