Финансискиот гигант Mastercard ја избра агенцијата WPP Media да ја води нивната глобална медиумска стратегија, планирање и закуп на медиуми, со што заврши десетгодишната соработка со агенцијата Carat на Dentsu. Одлуката е донесена по конкурентен ревизиски процес и ја опфаќа работата на брендот на повеќе од 70 меѓународни пазари.
Со овој договор значително се проширува соработката на групацијата WPP со Mastercard. Покрај новодобиените медиумски задолженија, агенцијата Ogilvy на WPP ќе управува со глобалните заедници на Mastercard. Од друга страна, агенцијата McCann на Interpublic Group продолжува да биде креативна агенција на брендот. Ревизијата беше спроведена од страна на консултантската фирма R3, а Mastercard не откри дополнителни детали за процесот.
За WPP Media ова е особено значајна победа по тешка година. Групацијата претходно ги загуби клиентите Coca-Cola во Северна Америка и Mars на глобално ниво, остана без својот извршен директор Марк Рид, а потоа ја назначи Синди Роуз за негов наследник. Освојувањето на договорот на Mastercard се смета за еден од најголемите успеси по неодамнешната трансформација на агенцијата.
Таа трансформацијата го вклучуваше и ребрендирање на GroupM во WPP Media. Целта беше медиумските агенции на WPP да работат поинтегрирано и да им овозможат на клиентите подобар пристап до нови технологии и бази на податоци. Соработката со Mastercard ќе биде клучен тест за овој нов модел.
Од Mastercard објаснуваат дека промената е дел од нивната стратегија за прилагодување кон ерата на вештачката интелигенција. Претставник на компанијата изјави дека глобалниот дострел на WPP Media, заедно со нивните капацитети за анализа на податоци и интегриран пристап кон платени медиуми и социјален ангажман, ќе помогнат Mastercard да постигне поголемо влијание во маркетингот.
Овој договор доаѓа по одлуката на WPP Media во април да се повлече од работењето со клиентот PayPal (кој потоа го доби Publicis), што, според индустриски извори, им овозможило да се натпреваруваат и на крајот да го добијат Mastercard.
Во 2024 година Mastercard потрошил околу 180 милиони долари за медиуми, од вкупно 815 милиони долари инвестирани во маркетинг активности. И покрај тоа што инвестициите за маркетинг благо опаднале, нето приходите на компанијата пораснале за 12% и достигнале 28,2 милијарди долари.