Во светот постојат еден милион видови на животни и растенија кои се соочуваат со исчезнување, а околу 150 видови исчезнуваат секој ден.
Со цел да го сврти вниманието на своите клиенти и јавноста кон овој проблем, финансиската компанија Mastercard лансираше специјални картички што прикажуваат животни кои можат да исчезнат пред да истече важноста на самите картички.
Се работи за дебитни подарочни картички кои имаат различен рок на важност во зависност од степенот на загрозеност на животното кое се наоѓа на сликата. На пример, картичката која прикажува панголин има важност до декември 2027, онаа со африкански шумски слон важи до март 2028, а онаа со црно-бел лемур – до јуни 2028.
Кампањата насловена “The Wildlife Impact Card” е создадена во партнерство со непрофитната организација Conservation International и агенцијата McCann XBC од Њујорк.
Mastercard ги охрабрува своите клиенти да преземат акција и им овозможува да донираат за спасување на овие животни, додека пак за употребата на секоја картичка, компанијата автоматски ќе донира по 1 долар за организацијата Conservation International.
„Како компанија посветена на негувањето одржлива иднинина за сите, ние веруваме дека значен аспект на тоа е да се заштитат видовите кои се критично загрозени, како и нивните живеалишта. Преку нашето силно партнерство со Conservation International, една од водечките светски организации за заштита, создадовме начин како да ги поврземе нашите клиенти со нивната страст за живиот свет, овозможувајќи им да придонесат и да направат влијание,“ истакнува Раџа Раџаманар, генерален маркетинг и комуникациски директор на Mastercard.