Специјализираната компанија за настани, истражувања и консалтинг Ascential склучи договор за стекнување со комерцијалниот дел на Effie, глобалните награди за ефективност во маркетингот.
По регулаторното одобрување, Effie ќе се придружи на одделот LIONS на Ascential, со цел славење и поттикнување на креативниот и ефективен маркетинг.
Effie ги инспирира и слави практичарите на ефективниот маркетинг на глобално ниво, како организатор на најголемите и најпрестижните награди за маркетиншка ефективност во светот. Покрај своите алатки и обуки, Effie обезбедува увид во маркетиншката ефективност на преку 125 пазари ширум светот.
По регулаторното одобрување, Ascential ќе започне и долгорочно партнерство со непрофитната организација Effie Worldwide, која ќе биде трансформирана во нова глобална фондација – The Effie LIONS Foundation. Фондацијата ќе биде посветена на едукација на следната генерација таленти, нудејќи обука за сите студенти по маркетинг, особено оние кои се недоволно застапени во маркетиншката заедница. Дополнително, Фондацијата ќе обезбеди дом за постоечките непрофитни иницијативи на LIONS и ќе обезбеди пристап до некои од дигиталните производи на LIONS, максимизирајќи го реинвестирањето во индустријата.
„Здружувањето на LIONS и Effie е моќен доказ за фактот дека ефективноста и креативноста во маркетингот се нераскинливо поврзани. Сите просветлени бизниси знаат дека креативниот, ефективен маркетинг го поттикнува растот. Ова историско партнерство ќе ги надополни увидите и сознанијата за маркетингот и креативната ефективност што LIONS веќе ги нуди преку WARC, The Work и Contagious, обезбедувајќи им на маркетинг лидерите ширум светот податоци и докази што им се потребни за да се залагаат за креативен маркетинг кој е важен. Во меѓувреме, создавањето на The Effie LIONS Foundation ќе ја едуцира и инспирира нашата индустрија и ќе ги прошири можностите достапни за секого за градење кариера во креативноста и маркетингот“ – истакнува Филип Томас, генерален извршен директор на Ascential.
„Возбудени сме што ќе им се придружиме на LIONS со такво комплементарно, но сепак посебно портфолио на брендови. Поблиската соработка помеѓу Effie, како дефинитивен репер за маркетиншка ефективност на глобално ниво, и брендовите на LIONS е возбудлива перспектива за индустријата бидејќи нашата способност да споделуваме увиди и да наоѓаме синергии во нашите податоци ќе помогне да се разјасни улогата што креативноста ја игра во поттикнувањето на ефективноста на маркетингот во целина. Заедно ќе можеме подобро да ги разбереме клучните двигатели на растот и на крајот да им помогнеме на сите бизниси да успеат“ – додава Трејси Алфорд, претседателка и извршна директорка на Effie Worldwide.
Со седиште во Њујорк и канцеларии во Пекинг и Обединетото Кралство, Effie има мрежа од 59 партнери кои покриваат над 125 пазари во светот. Effie ќе продолжи да биде предводена од Трејси Алфорд, претседателка и извршна директорка на Effie Worldwide.