Кампањата „Заколни се во законот“ („Zakuni se u zakon“), осмислена и реализирана од агенцијата McCann Beograd за Автономниот женски центар, освои Grand Prix во категоријата за „општествени прашања“ на Фестивалот за кампањи со цел.
Кампањата насочена кон борба против т.н „одмаздничката порнографија“ имаше голем одек во јавноста, а петицијата ја потпишаа десетици илјади граѓани, што резултираше со позитивен одговор од Министерството за правда на Србија за санкционирање на неовластеното споделување на интимни содржини. Фестивалот за кампањи со цел се одржува по четврти пат и е прв фестивал на општествено одговорна комуникација во Србија и регионот и еден од првите од ваков вид во светот.
„McCann Beograd продолжува со поддршката на иницијативи од пошироко општествено значење. Тоа е поддршка во која веруваме и ја негуваме со грижа. Знаеме дека нашата индустрија може и треба да придонесе за важни промени во општеството. Благодарни сме за поканата за соработка со Автономниот женски центар, кој веруваше дека нашата кампања може да ја активира јавноста да ја поддржи петицијата што ќе доведе до промена на законот“ – изјави Јана Савиќ Растовац, извршен креативен директор на McCann Beograd.
Кампањата „Заколни се во законот“ носи силна порака, борба против злоупотребата и неовластеното споделување на интимни фотографии и видеа и директно ги повикува граѓаните да потпишат петиција која има јасна цел – донесување закон со кој се квалификува неовластеното споделување на интимни содржина како кривично дело. Кампањата ги користеше најчестите ветувања и заклетви кои мажите ги користат за да ги убедат потенцијалните жртви да ги испратат своите интимни фотографии и видеа без двоумење. „Големите“ зборови и ветувања од типот: „жими мајка“, „жими сè“, „жими очиве“, „жими децата“, многу лесно се газат, а намерно беа ставени во форма на законска изјава.
Како резултат на успешно спроведената кампања, десетици граѓанки и граѓани ја потпишаа петицијата, а Министерството за правда одговори на апелот на поголем број организации и потписници на петицијата, да се пропише ново кривично дело во Кривичниот законик: „Неовластено споделување и злоупотреба на снимки со интимна содржина“.
„Бевме пријатно изненадени од големиот одзив не само од жените, туку и од мажите, кон кои првенствено беше наменета оваа кампања. Кога почнавме, не очекувавме дека петицијата ќе ја поддржат речиси 22.000 граѓани, но и јавни личности и граѓански организации. Синергијата на сите нас, претставниците на агенцискиот систем, јавни личности, парламентарци, граѓани, активисти доведе до тоа Министерството за правда, по две години залагање за ова ново кривично дело, конечно да нè слушне“ – посочува Вања Мачановиќ од Автономниот женски центар.
Донесувањето закон со кој би се осудило и санкционирало неовластено споделување на интимни содржини претставува чекор напред во насока на создавање општество кое ја почитува приватноста и индивидуалните права на секоја личност. Оваа иницијатива, насочена кон заштита на жртвите од сите возрасти, исто така испраќа силна порака дека ваквите форми на дигитална злоупотреба нема да се толерираат во нашето општество.
Традиционално, на Меѓународниот ден на детето, Фестивалот за кампањи со цел доделува награди за најдобрите општествено одговорни кампањи. Фестивалот годинава за прв пат одликуваше кампањите во дури три категории: екологија (зелена), општествени прашања (жолта) и новата категорија посветена на родовата еднаквост (црвена). Фестивалот ги охрабрува компаниите да ги усогласат своите комуникациски цели со интересите на целото општество со комбинирање на нивната деловна цел со благосостојбата на поединецот и општеството.