Синоќа во крајбрежниот словенечки град Порторож беше комплетирано уште едно успешно издание, јубилејно 30-то по ред, на меѓународниот огласувачки фестивал Golden Drum. Настанот беше крунисан со церемонијата на доделување награди за најуспешните креативни проекти од регионот, Европа и пошироко.
Вечерта беше исклучително успешна за македонските финалисти на фестивалот, агенцијата McCann Skopje и клиентот Халкбанк АД Скопје, кои дома се враќаат со две освоени награди за кампањата „Стартап пакет“. Имено, нивниот заеднички проект освои сребрена награда во категоријата „Креативна ефективност“ и бронзена награда во категоријата „Надворешно огласување“.
Можеби уште поважно е што McCann Skopje ја доби престижната титула за „Агенција на годината во Јадранскиот регион“ (“Adriatic Agency of the Year”), покажувајќи уште еднаш дека македонските креативци се носат рамо до рамо со најдобрите во регионот.
Кампањата „Стартап пакет“ е инспирирана од приказните за почетоците на голем број познати светски брендови, кои што својот бизнис го започнале во гаража. Целта е мотивација на сите млади луѓе кои што сакаат да започнат бизнис врз основа на некоја лична идеја. Притоа, со поставените мотивирачки пораки на скопските гаражи, клиентот Халкбанк се позиционираше како искрен поддржувач на претприемачите чии идни проекти ќе ја обликуваат и ќе ја унапредат македонската економија.
Ја користиме оваа можност да им упатиме искрени честитки на сите учесници, финалисти и победници на фестивалот Golden Drum, со надеж дека догодина Македонија ќе има уште повеќе пријавени проекти и ќе се закити со уште повеќе награди.
Сите пријавени и наградени проекти на Golden Drum 2024 можат да се разгледаат на следниот ЛИНК.
Во продолжение погледнете ја видео презентацијата за наградената кампања на McCann Skopje и Халкбанк: