Зачетокот на метаверзумот открива нови можности за маркетерите, а некои од водечките компании во светот веќе почнуваат да го заложуваат својот удел во виртуелниот пејсаж што се појавува
Агенциската групација McCann Worldgroup го претстави “MWVerse” – виртуелно, Web-3 базирано искуство кое компанијата го разви во партнерство со Meta и софтверската компанија Journee. Виртуелното искуство е достапно јавно преку десктоп или мобилен уред. Како и повеќето брендирани метаверзумски креации, MWVerse е дизајниран имајќи ги предвид инклузивноста и пристапноста.
Лансирањето на MWVerse коинцидира со почетокот на Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions 2022. Всушност, почетниот настан во новото метаверзумско искуство на McCann Worldgroup претставува виртуелна рекреација на фестивалот на креативноста Cannes Lions, а наменета е за оние кои не можеа да присуствуваат на познатиот ексклузивен настан во живо, па можат да се приклучат за да видат дел од работата на агенцијата што ќе биде изложена на овогодинешниот фестивал во Кан.
„Искуството MWVerse е дизајнирано да го промени тој недостаток на пристапност и искуство, при што првата апликација е овогодинешниот фестивал Cannes Lions, каде избор од врвните кампањи на агенцијата може да се истражуваат во виртуелни, брендирани соби и да се доживуваат преку очите на тимовите на агенцијата што ги создадоа и клиентите што ги поддржаа“, се вели во соопштението на McCann.
Виртуелниот простор на McCann, според компанијата, ќе понуди извонредни прегледи за тоа како некои од прикажаните кампањи биле „оживеани“ – од идеја до реализација, заедно со погледи од зад сцената и разговори со брендови и гласови од заедницата на Web3. Ева Лонгорија, или барем нејзиниот аватар, исто така ќе присуствуваат vo MWVerse, елаборирајќи ги пофините точки од кампањата на McCann за козметичкиот бредн L’Oreal, во која таа неодамна беше вклучена.
„Целта беше да изградиме креативен простор во метаверзумот за нашите тимови и клиенти. Тие можат да експериментираат со него, да организираат состаноци, да споделуваат содржини, да ги покануваат своите тимови итн. Може да се приспособува по потреба. Засега, избравме да ја прикажеме нашата најдобра креативна работа која ќе биде дел од Cannes Lions, но како што ќе поминува времето, така ќе ја менуваме содржината и ќе експериментираме со нови технологии и партнери со цел да ја демократизираме креативноста“ – истакна Елав Хорвиц, виш потпретседател и директор за глобални иновации во McCann Worldgroup.