Агенциската мрежа McCann Worldgroup ја именуваше Ида Резвани за претседателка и глобална генерална директорка за клиенти на McCann и McCann Worldgroup. Во оваа новокреирана улога, Резвани ќе се обиде да ја зголеми вредноста и да ги засили иновациите низ глобалното портфолио на клиенти на агенциската мрежа, користејќи го своето повеќе од 20-годишно искуство во водење клиенти и работа со иконични глобални брендови.
За својата работа таа директно ќе го известува Дерил Ли, глобален извршен директор на McCann и McCann Worldgroup, и ќе работи на забрзување и проширување на нови капацитети и практики што ги продлабочуваат односите со клиентите и ги прошируваат стратешките и креативните услуги што им се нудат на глобалните брендови. Овие услуги, меѓу останатото, ги вклучуваат платформите McCann Content Studios и McCann Truth Central.
„Во McCann никогаш не престануваме со потрагата по нови вредности за нашите клиенти и постојано се стремиме кон иновации во креативноста и капацитетите што им ги нудиме на глобалните брендови. Ида е вистински мајстор во управувањето со клиенти и страствен поддржувач на моќта на глобалните брендови. Возбудени сме што ѝ посакуваме добредојде на оваа вистинска граѓанка на светот во нашиот McCann тим“ – посочува Дерил Ли.
Резвани се приклучува на McCann Worldgroup од Publicis, каде што беше глобален лидер за клиентот Pfizer, водејќи целосно интегриран тим кој спроведе маркетинг трансформација и обезбеди значителен поврат на инвестицијата за фармацевтскиот гигант. Претходно, таа имаше лидерски позиции во Dentsu Americas и WPP, каде што постојано придонесуваше за раст на приходите, задоволството на клиентите и раководеше со наградувани креативни проекти за брендови како што се Subway, Virgin Trains, M&S и Crayola.
„Пресреќна сум што се приклучувам на McCann, агенцијата на ‘Добро кажана вистина’, и на тим кој е длабоко посветен на моќта на брендовите што можат да го променат светот“ – истакнува Резвани, додавајќи: „Со нетрпение очекувам да работам со неверојатни луѓе низ целиот свет за да испорачаме радикална креативност што нуди вистински импакт за нашите глобални клиенти и заедницата.“
Именувањето на Резвани доаѓа по неколку високи признанија за агенциската мрежа, вклучително и на годинашниот меѓународен фестивал на креативноста Cannes Lions, каде што McCann успешно ја демонстрираше својата посветеност во градењето трајни глобални брендови со наградени проекти за L’Oréal Paris, Mastercard и Xbox. Агенциската мрежа McCann Worldgroup беше исто така вклучена на престижната листа на Fast Company за Најиновативни компании за 2025 година, благодарение на работата за клиентите Microsoft и Mastercard.