Дали некогаш сте биле жртва на „кражба на помфрит“? За да „послужи“ правда за овие „ужасни злосторства“, брендот за брза храна McDonald’s реши да отвори фиктивна адвокатска канцеларија на британскиот пазар посветена на борбата против кражбата на помфрит. Притоа, брендот ќе им даде можност на сите фанови да си ги вратат украдените парчиња помфрит.
Станува збор за забавна социјална кампања создадена во соработка со агенцијата Leo Burnett, како дел од која McDonald’s ќе го ребрендира својот Твитер профил во Обединетото Кралство како адвокатска канцеларија “Fries Claims” и ќе ги охрабрува фановите да ги пријават престапите против нивниот помфрит од страна на пријателите и членовите на семејството.
„Fries Claims е забавна кампања што фрла светло на малите ритуали што сите ги имаме кога станува збор за McDonald’s. Палавиот чин на штипкање помфрит претставува универзално искуство, нешто со кое сите можеме да се поврземе… па зошто да не се потпреме на овој увид и малку да се забавуваме со него?“ – посочува Луиса Пејџ, директорка за потрошувачки комуникации и партнерстав во McDonald’s за Обединетото Кралство и Ирска.
Како дел од кампањата ќе бидат поставени и серија билборди и огласи во печатените медиуми кои ќе ги повикуваат фановите на McDonald’s да се вклучат во„ правната инцијатива“. Кампањата е инспирирана од стереотипните реклами на адвокатски канцеларии за мали побарувања: „Дали сте жртва на кражба на помфрит? Правдата – и помфритот – ќе бидат задоволени!“.