Брендот за брза храна McDonald’s ја назначи Морган Флетли, досегашен маркетинг директор за САД, да биде нов глобален генерален маркетинг директор. Таа стапува на функцијата од 1 ноември.
Флетли доаѓа на местото на Алистер Мекроу, кој пак оди на позицијата генерален извршен директор за Обединетото Кралство и Ирска. На позицијата маркетинг директор за САД, која досега ја држеше Флетли, доаѓа Тарик Хасан, досегашен маркетинг директор на компанијата за продажба на производи за домашни миленици Petco.
Како глобален маркетинг директор, Морган Флетли ќе биде задолжена за одржување и комуникација на глобалниот бренд, стратегијата на менито, семејниот маркетинг, медиумските партнерства и потрошувачкото искуство, за што ќе одговара пред Ману Стејарт, глобалниот директор за потрошувачи на McDonald’s.
„Позната по својата стратешка визија и остроумност за градење на иконични брендови, Флетли одигра интегрална улога во унапредувањето на стратегиите за раст на клиентите на McDonald’s, откако се приклучи на компанијата во 2017 година. Нејзиниот пристап ориентиран кон одржувањето на добри односи беше критичен во градењето тимови со високи перформанси и зајакнување на внатрешните и надворешните партнерствата со франшизери, добавувачи и агенции“ – стои во интерниот меморандум на компанијата за назначувањето на Флетли, потпишан од Ману Стејарт и меѓународниот претседател на McDonald’s, Јан Борден.