Според брендот за брза храна McDonald’s, повеќето луѓе во Норвешка претпочитаат да ги јадат своите нарачки внатре во ресторанот или во своите автомобили. Меѓутоа, брендот истакнува дека е сосем во ред тие да останат во удобноста на домот и да уживаат во оброците на McDonald’s.
Па така, со цел поттикнување на нарачките до дома, брендот ги редизајнираше своите хартиени кеси на тој начин што им даде изглед на фасада од топол дом. Имено, на кесите се додадени графички елементи кои симболизираат врата и прозорци, при што едниот прозорец е осветлен. Се разбира, тука е и препознатливиот златен лак кој ја комплетира целата „фасада“.
„Изведбата требаше да ја надополни идејата без да ја надмине. Имавме за цел да ја одржиме правилната рамнотежа, осигурувајќи се дека во кесите на McDelivery ќе се препознава зграда, но притоа ќе биде запазен и нивниот иконичен изглед“ – објаснуваат креативците од агенцијата Nord DDB Oslo кои што стојат позади редизајнот на амбалажата.
Новиот дизајн нема да се најде само на хартиените кеси на McDonald’s, туку ќе биде искористен и за создавање на надворешни принт реклами кои ќе бидат поставени низ норвешките градови.