Брендот за брза храна McDonald’s ја објави својата нова Божиќна реклама за британскиот пазар, во која целосно отсуствува дијалогот, а притоа не гледаме ни ниту еден артикл на брза храна.
Рекламата се надоврзува на долгогодишната бренд платформа „Fancy a McDonald’s?“ („Сакаш Мекдоналдс?“) со видеоспот кој уште еднаш ги слави моментите на одмор од животниот хаос. Во овој случај, се работи за маж и жена кои седат во автомобил по бурен ден на подготовки за претстојните празници.
Во далечината ги забележуваат препознатливите златни лаци на McDonald’s и донесуваат спонтана одлука да ги посетат. Наеднаш светот околу нив станува шаренолик и разигран, преку празнично „лајт шоу“ што ги осветлува улиците, куќите и зградите на нивниот пат до ресторанот.
Во рекламата нема никаков дијалог, туку само енергичните електро битови на италијанскиот диџеј Бени Бенаси и неговиот хит „Satisfaction“.
Кампањата е осмислена и реализирана заедно со креативната агенција Leo Burnett, во соработка со ПР агенцијата Red Consultancy и медиската агенција OMD UK.