Според брендот за брза храна McDonald’s, нивниот сендвич со поховано пилешко произведува таков специфичен и препознатлив звук при џвакањето, што заслужува да се слушне и во вселената.
Токму тоа го гледаме во новата хумористична реклама на McDonald’s за полскиот пазар, насловена „The Landing“ т.е. „Слетувањето“. Рекламата прикажува тројца астронаути во автентично рекреиран вселенски модул од 1970-те, како се спуштаат на Земјата.
Тогаш тие слушаат некој крцкав звук кој ги заплашува дали нешто не е во ред со самиот модул. Поставувајќи го познатото прашање „Хјустон, имаме проблем“, откриваме дека звукот доаѓа токму од контролната соба во „Хјустон“, каде еден од вработените јаде сендвич со поховано пилешко на отворен микрофон.
Откако се разрешува дека нема никаков проблем, астронаутите безбедно слетуваат на Земјата. На крајот од рекламата гледаме како и тие го јадат истиот тип на сендвич од McDonald’s, заклучувајќи дека звукот им е од некаде познат.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција DDB Warsaw, а нејзин режисер е Мачек Ковалчук. Дизајнот на сценографијата е дело на Гиоргиос Стилијану-Матсис.