Логото на брендот за брза храна McDonald’s е толку препознатливо ширум светот, што едноставно може да се употребува како ликовен елемент кој комплементира одредена визуелна композиција, отколку да служи само како обичен симбол за означување припадност на некоја рекламна кампања.
Новата принт кампања на адвертајзинг агенцијата Leo Burnett London покажува токму колку иконични се златните лаци на McDonald’s, така што употреби само половина од логото за да илустрира чувство на движење и светлина. Имено, постерите минималистички го промовираат сервисот за достава на брендот кој го заситува гладот на потрошувачите дури и кога тие не се во можност да ги посетат рестораните и локалите на McDonald’s.
Визуелните решенија е прецизни и концизни во пренесувањето на пораката, без да мора да кажуваат многу. Единствениот текст присутен на постерите е “We Deliver.” („Ние доставуваме.“). Кампањата демонстрира колку е всушност моќен визуелниот идентитет на McDonald’s – еден краток поглед и веднаш знаете кој ја нарачал, а кај вас предизвикува желба да нарачате. :)