Со цел истовремено да го промовира новиот мебел на ИКЕА и фактот дека каталогот на компанијата, барем во Данска, повеќе нема да постои во физичка копија, агенцијата Hjaltelin Stahl смисли outdoor кампања која го прави и двете работи на еден визуелно паметен начин.
Рекламите кои можеа да се забележат низ данските градови во текот на месецот Август ги прикажуваат новите проиводи на Икеа само како транспарентни силуети, придружени со текстот „Нашиот каталог се пресели онлајн“ и „Пронајдете го новиот мебел на Ikea.dk“.
Каталогот на шведскиот бренд Икеа се дистрибуира во Данска веќе 50 години, наоѓајќи го својот пат до повеќе од 2 милиони дански домаќинства. Но, оваа година, како дел од „дигитална трансформација“, брендот ќе го премести каталогот целосно онлајн.
„За нас во Икеа и за многуте фанови на Икеа во Данска, одлуката да се дигитализира печатениот каталог е навистина голема работа. Веќе 50 години, овој каталог го означуваше почетокот на нова деловна година за нас и претставуваше трајна референтна точка за вработените, потрошувачите и за сите останати со интерес за внатрешниот дизајн. Оваа 2019 година означува ново поглавје во историјата на Икеа во Данска, каде во иднина ќе ги инспирира луѓето преку дигиталните платформи кои го користат, со соодветна содржина што одговара на нивниот стил, желби и потреби,“ истакнува Елефтерија Кромлиду, маркетинг менџаер на Икеа Данска.
Соопштението на брендот за дигитализирањет на каталогот не споменува никакви еколошки причини за одлуката, туку се фокусира на еволуцијата во однесувањето на потрошувачите во Данска и зголемената употреба на дигиталните медиуми.
На глобално ниво, Икеа има добиено сертификат од меѓународната еколошка организација Forest Stewardship Council дека нивните каталози се изработуваат од хартија добиена од одговорно менаџирани шуми. Со 185 милиони примероци дистрибуирани ширум светот секоја година, каталогот на Икеа претставува најбројната публикација која има добиено ваков сертификат.
Икеа нема соопштено дали ќе ги укине печатените верзии на каталогот во други држави во блиска иднина, додека пак од друга страна, брендот ја тестираше опцијата за печатење на каталогот два пати годишно во држави како Франција, Јапонија, Сингапур и Шведска.