Влатко Лозаноски, Ренната, Наталија Славева, Виктор Апостоловски и хорот на Златно славејче со песна ги повикуваат сите граѓани и компании да помогнат во собирањето средства за Интензивниот оддел на Клиниката за детски болести во Скопје, каде што се сместени предвремено родените и бебињата со компликации. Овој оддел има голема потреба од опремување, бидејќи во моментов има ограничени можности наспроти големиот број на новопримени случаи.
Песната е само една од активностите во рамките на хуманитарната кампања „Шанса за живот“ која ја реализира ОКТА со подршка на агенцијата Елемент ПР.
За младите артисти, ова е проект што треба да го поддржат што поголем број граѓани, со цел да се предизвика вистинска позитивна промена. „Да се биде дел од ваков проект значи да се даде свој придонес за подобро утре на бебињата кои очекуваат наша помош во својата прва битка во животот” – вели Лозаноски.
Кампањата иницирана од ОКТА минатата година која претходно гласно ја подржа и повеќе други јавни личности, продолжува и оваа година и понатаму со поддршка на компанијата.
„Токму на овој ден беше започната кампањата минатата година. Досега успеавме да набавиме нов инкубатор, нови аспиратори и перфусори и да сервисираме три постоечки инкубатори. И покрај овој значаен допринос одделот има потреба од уште голем број донации, бидејќи неговиот капацитет е сеуште ограничен. Поради тоа решивме заеднички со Клиниката за детски болести и оваа година да продолжиме со кампањата. Се надеваме дека ќе имаме уште поголем одѕив кај сите и дека ќе успееме да направиме уште повеќе”, изјави менаџерот за комуникации и општествена одговорност во ОКТА, Марија Ставрева.
И Вие можете да се вклучите во кампањата и да донирате преку отворените телефонските броеви за донации 070/075/077 143 333. Исто така, можете да помогнете со минимално донирање на 100 денари во обележаните кутии на бензинските пумпи на ОКТА со што граѓаните добиваат алка со логото на кампањата како нејзин поддржувач, преку набавка на гориво од бензинските пумпи на ОКТА од чија продажба се одвојува процент за кампањата, како и со донација на наменски отворената сметка на кампањата во Стопанска банка 200002709659393.