Меѓународниот ден за побезбеден интернет промовира побезбедна и поодговорна употреба на онлајн технологијата од страна на децата и младите ширум светот
Со текот на годините, меѓународниот ден за побезбеден интернет пререасна во значаен настан во календарот за онлајн безбедноста. Неговото одбележување започна во 2004 година согласно првиот акционен план за побезбеден интернет, како иницијатива на проектот SafeBorders финансиран од ЕУ, а потоа беше преземен од мрежата на центри за побезбеден интернет Insafe. Денес, меѓународниот ден за побезбеден интернет се прошири надвор од својата традиционална географска зона и се слави во околу 200 земји и територии низ сите континенти и допира до милиони луѓе ширум светот.
Секоја година меѓународниот ден за побезбеден интернет повикува на акција од многуте чинители кои се вклучени во овозможувањето побезбедна и подобра дигитална средина за младите корисници, вклучувајќи носители на одлуки на национално и меѓународно ниво, претставници на индустријата, граѓански организации, воспитувачи, родители, но и самите млади луѓе.
Интернетот е моќна алатка со огромни можности за учење, унапредување на вештините и стекнување нови способности и знаења. Сепак, со можностите доаѓаат и ризици. Меѓународниот ден за побезбеден интернет има за цел да ја подигне свеста, но и да преземе конкретни чекори за заштита и зајакнување на децата и младите онлајн. Во дигиталната сфера, соработката е од суштинско значење за подобро онлајн искуство, особено за помладите корисници.
Овогодинешното издание на меѓународниот ден за побезбеден интернет се одржува на 11 февруари 2025 година, со тема „Заедно за подобар интернет“ (“Together for a Better Internet”). По тој повод ќе се одржуваат низа настани низ целиот свет, вклучително и во Македонија.
Преку оваа иницијатива, сите засегнати страни можат да ги здружат силите и да го направат интернетот побезбедно и подобро место за сите корисници, особено за децата и младите.
Повеќе за меѓународниот ден за побезбеден интернет можете да прочитате на следниот ЛИНК.