Меѓународната асоцијација за односи со јавноста (IPRA) основаше нов огранок чија цел е подобрување на стандардите и поттикнување на соработката во алпскиот, балканскиот и јадранскиот регион.
Огранизацијата Alpe Balkan Adria (ABA) ќе служи како платформа за размена на знаења, најдобри практики и ќе поттикнува вмрежување меѓу комуникациските професионалци од регионот. Новата подружница на IPRA беше официјално промовирана на неодамнешниот состанок на професионалците за односи со јавноста во Белград, каде што тие ја истакнаа важноста од вмрежување и градење платформа која ќе овозможи унапредување на комуникациските практики во регионот, а со тоа и зајакнување на улогата на оваа професија на глобално ниво.
„Огранокот ABA претставува значаен чекор кон обединување на нашиот регион во глобалната индустрија за односи со јавноста. Уверени сме дека заедно можеме да се справиме со уникатните предизвици и да ги искористиме можностите што ќе ја поттикнат нашата професија напред“ – рече Наташа Павловиќ Бујас, претседателка на IPRA.
За инаугуративен претседател на ABA беше избран проф. др. Дејан Верчич, професор по односи со јавноста на Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана и партнер во агенцијата „Herman & partnerji“.
„„Со понатамошната интеграција на бизнисот и повторното обединување на регионот во Европската унија, професијата за односи со јавноста, застапувањето и стратешките комуникации се развива за да ги следи своите клиенти, истовремено служејќи им на приватните и на јавните интереси кон заемно корисна иднина“ – посочува Верчич.
Покрај Наташа Павловиќ Бујас и Дејан Верчич, меѓу основачите на ABA се Крешимир Мацан (Хрватска), Иван Јакшиќ (Србија), Бојана Станковиќ (Србија), Милица Слијепчевиќ (Србија), Марина Боланча (Хрватска), Јелена Павиќевиќ (Црна Гора), Ирена Миличевиќ Вукоја (Босна и Херцеговина) и Добрила Мочевиќ (Босна и Херцеговина).