Популарниот пивски бренд Budweiser ги ангажираше фудбалските ѕвезди Лионел Меси, Нејмар Џуниор и Рахим Стерлинг, за новата реклама по повод Светското фудбалско првенство во Катар.
Спотот насловен “The World Is Yours To Take” („Светот е ваш за земање“) ги прикажува тројцата фубалери во тунелот кој води до фудбалскиот терен. Тие предводат ентузијастична и разиграна група на навивачи кои танцуваат, пеат и веат знамиња на различни држави и идентитетски групи.
Од брендот се надеваат дека краткиот филм ќе ја долови возбудата што навивачите ја чувствуваат во пресрет на Мундијалот. Спотот е проследен со песната “Everybody Wants to Rule the World” од поп-рок групата Tears for Fears.
„Како спонзори на Светското првенство на ФИФА повеќе од 30 години, сакавме да ја доловиме заразната глобална енергија на фудбалските навивачи насекаде низ светот со цел да ги охрабриме луѓето да изнајдат мотивација да се стремат кон величина, без разлика како може да изгледа патот до таму“ – посочува Тод Ален, глобален потпретседател за маркетинг во Budweiser.