Новата социјална мрежа Threads, создадена од страна на технолошкиот гигант Meta, наскоро треба да добие веб-верзија – потврди во петокот Адам Мосери, извршниот директор на сестринската платформа Инстаграм.
Мосери на својот профил на Threads едноставно напиша „Блиску сме до веб-страница…“, што наведе многумина да помислат дека веб-верзијата на социјалната мрежа би можела да биде лансирана уште оваа недела.
Очекувањата на компанијата се дека лансирањето на веб-верзијата би ја направила нивната нова платформа покорисна за големите огласувачи како што се компаниите, брендовите, институциите, непрофитните организации и медиумите,
Платформата Threads беше лансирана на почетокот на месец јули како конкурент на X/Твитер и во првите неколку денови забележа неверојатен раст во бројот на симнувања на мобилната апликација и бројот на регистрирани корисници. Меѓутоа, поради недоразвиената функционалност на платформата, бројот на активни корисници драматично падна во следните неколку недели.
Од компанијата се надеваат дека ќе успеат да ги вратат корисниците доколку ја подобрат функционалноста на платформата, кон што треба да придонесе и лансирањето на најавената веб-верзија.