Светските технолошки гиганти Meta, Alphabet (матичната компанија на Google), Shopify, McKinsey и Stripe се договорија да вложат скоро 1 милијарда долари во проектот Frontier, кој има за цел финансирање на развојни технологии за отстранување на јаглерод диоксид од воздухот.
Компаните кои се дел од проектот ветуваат дека во следните девет години ќе купуваат технолошки решенија за отстранување на јаглерод диоксид, покажувајќи им на иноваторите и инвеститорите дека постои зголемена побарувачка за вакви технологии на пазарот.
Проектот Frontier всушност ќе игра улога на посредник помеѓу купувачите и иноваторите кои сакаат да ги комерцијализираат своите еколошки решенија.
Со цел идентификација на идеите во кои вреди да се инвестира, лидерите на проектот ќе земаат во предвид низа на фактори, како што се долготрајноста на решението, неговите физички услови, капацитет, цена и секако – еколошка одржливост.
Организацијата се надева да пронајде иноватори кои ќе понудат решенија за складирање на јаглерод диоксид во период од над 1000 години и тоа по цена помала од 100 долари по тон.
Оваа иницијатива може да прерасне во значаен чекор кон исполнувањето на зацртаната цел на Парискиот климатски договор за отстранување на шест милијарди тони јаглерод диоксид од атмосферата до 2050 година.