Технолошкиот гигант Meta потпиша значаен договор со Google, како резултат на кој ќе потроши повеќе од 10 милијарди долари за користење на „клауд“ услуги во наредните шест години. Договорот, првично објавен од The Information, ќе ѝ овозможи на Meta да има пристап до „клауд“ инфраструктурата на Google за поддршка на нејзините проекти поврзани со развојот на вештачката интелигенција.
Договорот доаѓа во момент кога Google се обидува да добие големи „клауд“ клиенти и да се натпреварува со Amazon Web Services и Microsoft Azure, кои се водечки на пазарот. Оваа година Google обезбеди и соработка со OpenAI, компанија која претходно во голема мера се потпираше на услугите на Microsoft.
Новото партнерство на Meta со Google е насочено кон инфраструктура за вештачка интелигенција, според лица запознаени со договорот. Компанијата инвестира милијарди во развој на своите јазични модели и на интегрирање на вештачката интелигенција во услугите на Facebook, Instagram, WhatsApp и другите нејзини социјални платформи.
Во најновиот финансиски извештај, Meta најави дека нејзините трошоци за 2025 година ќе изнесуваат меѓу 114 и 118 милијарди долари, при што значителен дел е наменет за вложувања во развојот на вештачката интелигенција. Покрај сопствените податочни центри, Meta веќе користи и „клауд“ услуги од Amazon и Microsoft.
Иако Meta и Google се силни конкуренти на полето на дигиталното огласување, договорот покажува дека технолошките гиганти понекогаш соработуваат кога станува збор за огромната компјутерска моќ потребна за вештачката интелигенција. За Google, ова претставува дополнително зацврстување на позицијата во трката за проширување на својот „клауд“ бизнис, кој расте побрзо од останатите деловни сегменти на матичната компанија Alphabet.