Технолошката компанија Meta, претходно позната како Facebook, ја лансираше својата прва кампања под новото име. Се работи за видео спот кој на илустративен начин се обидува да ни го објасни концептот на најавениот виртуелен „метаверзум“.
Спотот прикажува група на студенти кои во музеј го насочуваат вниманието кон сликата „Борба помеѓу тигар и бизон“ на Анри Русо од 1908 година. Момент подоцна, сликата надреално „оживува“ и се претвора во цел разигран екосистем на животни и растенија кои танцуваат на музика.
Идејата е да се прикаже како метаверзумот ќе го промени начинот на кој ги користиме социјалните мрежи, односно се социјализираме со другите луѓе преку интернет. Поминаа деновите на екрани со дводимензионален интерфејс и дојде времето на тродимензионална виртуелна реалност во која ќе учествуваме, а не само набљудуваме.
„Сите сме стоеле во музеј и сме се прашувале, „Што ако оваа слика оживее?“. Многу луѓе се прашуваат „Што е метаверзумот?“. Оваа кампања е во суштина наменета да ги инспирира луѓето, тоа е приказна за имагинацијата и како нашата имагинација крајно ќе го дефинира и метаверзумот“, истакнува Јасмин Сомерсет-Карси, глобален директор за бренд маркетинг на Meta.
Кампањата е создадена од страна на внатрешниот креативен оддел на Meta, наречен CreativeX, во соработка со агенцијата Droga5.