Мета, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, ќе ги отвори вратите на својата прва физичка продавница на 9 мај во Булингејм, Калифорнија.
Продавницата е замислена како место каде потрошувачите ќе можат да ги искусат производите на Мета од прва рака, односно ќе им овозможи на посетителите да ги испробаат преку интерактивни демонстрации.
„Во продавницата на Мета сакаме да стапите во интеракција со сè. Сакаме да ги подигнувате работите во вашите раце. Сакаме да ги почувствувате“, велат од компанијата. Меѓу останатото, посетителите ќе може да прават видео повици преку Portal, да ги испробаат паметните наочари Ray-Ban Stories, како и да играат преку виртуелниот хедсет Oculus Quest 2.
Продавницата од 140 квадратни метри се наоѓа во непосредна близина на објектот Reality Labs HQ, каде компанијата го развива својот виртуелен „метаверзум“.
Од Мета посочуваат дека она што тие ќе го научат од корисничките интеракции и искуства во продавницата ќе им помогне во развојот на нивните производи и на нивната стратегија за малопродажба. Компанијата исто така се надева дека продавницата ќе го демистифицира концептот на метаверзумот за корисниците, односно ќе го направи подофатлив и поразбирлив, поттикнувајќи го нивниот интерес.