Технолошкиот гигант Мета продолжува со развојот на сопствените алатки со вештачка интелигенција, лансирајќите го генераторот на слики “Imagine with Meta AI”.
Алатката ја користи моќта на моделот за синтеза на слики познат како „Ему“, кој што е развиен од страна на Мета врз основа на обемна база на податоци од 1,1 милијарди слики објавени јавно на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.
Новиот генератор ќе биде бесплатен за користење, а им овозможува на корисниците да ги илустрираат нивните текстуални описи во форма на фотореалистични слики.
Секој описен внес (т.е. “prompt”) ќе резултира со четири различни слики во резолуција од 1280×1280 пиксели. Овие креации потоа може да се зачуваат во JPEG формат, но ќе бидат надополнети со суптилна ознака дека се генерирани од вештачка интелигенција – со цел транспарентност.
Мета исто така има имплементирано филтри со цел да осигура „одговорна употреба“ на технологијата. Тоа значи дека генераторот нема да испорачува ризултати поврзани со насилство, експлицитен јазик, сексуални теми и конкретни имиња на познати или историски личности.
Апликацијата е достапна преку веб-прелистувач, што ја прави достапна за корисниците и на десктоп и на мобилни уреди. Алатката засега е достапна само за корисниците во САД, со планови за понатамошно проширување во остатокот од светот.