Во време кога функционалните четботови базирани на вештачка интелигенција на OpenAI/Microsoft и на Google се во фокусот на технолошката, но и општата јавност, генералниот директор на Мета, Марк Зукербер, најави дека и неговата компанија ќе развива слични производи.
Пред само една недела, Мета го претстави сопствениот јазичен модел базиран на вештачка интелигенција, насловен LLaMA, засега наменет само за истражувачи на технологијата. Во понеделникот, пак, Зукерберг откри дека компанијата работи на „нова група производи од највисоко ниво“ базирани на генеративната вештачка интелигенција, што на долг рок ќе резултира со создавање на „личности“ базирани на вештачка интелигенција кои ќе можат да им нудат на корисниците помош и информации во реално време.
Иако се чини дека развојот на овие производи е сѐ уште во раните фази, Зукерберг напиша дека краткорочно, Мета ќе објави „креативни и експресивни алатки“, пред евентуално да изгради покомплексни кориснички искуства базиран на текст за корисниците на WhatsApp и Messenger, односно базирани на слики за корисниците на Инстаграм.
Компанијата исто така нема да ги заборави видеата и „мулти-модалните искуства“, навестувајќи нови можни производи во сферата на проширената и виртуелната реалност – кога ќе дојде време за „навистина футуристичките искуства“, како што посочи Зукерберг.
Засега нема најава за колку отприлика време би ги добиле првите кориснички искуства базирани на вештачка интелигенција од Мета.