Пред речиси еден месец Google го лансираше својот генератор на музика од текст, базиран на вештачка интелигенција, овозможувајќи му на секој да претвори едноставен текстуален опис во мелодија прилагодена на специфични ситуации и средини.
Сега, по нивните стапки тргна и Meta која го претстави својот сопствен музички генератор со отворен код (“open source”), наречен „MusicGen“. Накратко, во програмата може да се внесе опис, како што е „R&B музика од 90-тите со поистакнат бас“ и да го претвори во аудио снимка од околу десетина секунди.
Но, наместо да се потпираат само на текст, корисниците на MusicGen исто така ќе можат да изберат да прикачат референтен аудио клип, како што е некоја постоечка песна или друга снимка, а алгоритмот ќе се обиде да ги имитира и внесениот текстуален опис и референтната мелодија.
Според Мета, нивниот генератор бил обучен врз основа на податочна база од 20.000 часа лиценцирана музика, вклучувајќи 10.000 „висококвалитетни“ песни и 390.000 инструментали снимки земени од сток-библиотеки како Shutterstock и Pond5.
Иако е сосем извесно дека музичките продуценти нема наскоро да останат без работа, овие алатки со вештачка интелигенција секако ги поместуваат границите на она што технологијата може да го постигне на креативните полиња. Прашањето што останува е дали генерираните снимки ќе звучат воопшто добро како човечките креации?